Свет

Курдите во Сирија почнаа контраофанзива, го вратија Рас ал-Аџин

15. октомври 2019 - 11:44 | МИА

Дамаск, 15 октомври 2019 (МИА) – Курдските Единици за народна заштита почнаа контраофанзива и ја презедоа контролата врз Рас ал-Аџин, откако турските трупи и нивните сојузници го окупираа овој пограничен град на 12 октомври.

Според локални медиуми, Курдите и вооружени единици на сириската опозиција кои ја поддржуваат Турција во нејзината воена операција, водат интензивни борби на периферијата на градовите.

Курдските единици во моментов го напаѓаат блискиот град Тел Халаф, кој го контролира таканаречената Слободна сириска армија.

Извештаи за судири доаѓаат и од пограничниот град Кобане, кој се наоѓа на источниот брег на реката Еуфрат.

Курдски трупи вчера го спречија планот на турските сојузници да пресечат стратешки пат кој поминува долж границата и го поврзува сирискиот економски центар Алепо со градот Ал Хасака во истоимената провинција.

Како што се наведува, нападот на турските сили и нивните сојузници бил одбиен.

Единици на сириската армија стигнале до патот во близина на градот Тел Тамер, кој се наоѓа на околу 30 километри од границата и се распоредиле во северниот дел на провинцијата Ал Хасака во договор со Курдите.

Коментирај