Милитантната група Јастреби на слободата на Курдистан (ТАК) денеска ја презема одговорноста за самоубиствениот бомбашки напад во турската престолнина Анкара во кој беа убиени 35 луѓе, и најави дека ќе продолжи со нападите врз безбедносните сили.
ТАК претходно ја презема одговорноста за експлозијата на автомобил бомба, исто така, во Анкара, во февруари во близина на генералштабот на турските вооружени сили кога загинаа 29 лица, претежно воени офицери кои се превезуваа со автобус.
Оваа курдска милитантна група во својата објава на интернет наведува дека нападот со автомобил бомба во неделата во близина на неколку министерства бил одмазда за операциите на безбедносните сили во мнозински курдскиот југоисток на Турција, кои се водат од ланскиот јули, а во кои загинаа стотици цивили, припадници на турските безбедносни сили и курдски герилци.
Припадниците на ТАК велат дека се одметнале од забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) која пред три години започна мировни преговори со владата во Анкара, кои пропаднаа минатото лето по меѓусебните обвинувања за непочитување на договорот. Сепак, експертите коишто ги следат активностите на милитантните организации, велат дека врските меѓу двете групи не се сосема прекинати.
Во курдскиот бунт воден од PKK за поголема автономија а подоцна и за создавање засебна држава, кој започна во 1980-те години, досега се убиени најмалку 40.000 луѓе.