Фудбал

Квалификации за ЛШ и ЛЕ: Шкендија против Номе Калју, Македонија ЃП и Шкупи патуваат во Ерменија

18. јуни 2019 - 16:43 | МИА/КАЈГАНА

Тетовска Шкендија го доби Номе Калју од Естонија за противник во првото квалификациско коло за Лигата на шампионите. Двојките за квалификациските циклуси за пласман во Лига на шампиони и Лига Европа беа одржани денеска, а нивните противници ги дознаа и Македонија Ѓорче Петров, Академија Пандев и Шкупи.

Првите натпревари од квалификациите за ЛШ се закажани за 9-ти и 10-ти јули, додека реваншите на 16. и 17. јули. Шкендија прво ќе гостува во Естонија, а потоа ќе игра дома.

Најтежок противник за македонските клубови во овој квалификациски циклус ќе биде ерменскиот Пјуник, кој беше извлечен против Шкупи. Ерменски противник доби и тимот на Македонија Ѓорче Петров – скопскиот клуб оди на мегдан против Алашкерт од Јереван.

Академија Пандев нема да патува далеку во првиот круг од квалификациите, бидејќи нивниот противник е тимот на Зрињски од Босна и Херцеговина. Освојувачот на домашниот куп се смета за фаворит против босанскиот тим, но само доколку успее да ги задржи најважните играчи од составот.

Коментирај