Американските воздухопловни сили успешно го лансираа вселенскиот авион X-37B, со помош на ракетата Atlas V. Лансирањето беше извршено вчера, со ден задоцнување поради лошите временски услови во саботата.

Авионот е познат и како Orbital Test Vehicle (OTV), а негова задача е да достави сателит во орбитата и да тестира одредена технологија. Ова е негова шеста мисија во вселената.
Лансирањето е посветено на оние кои се на првите борбени линии против пандемијата на коронавирусот, пренесе BBC. Пораката „America Strong“ беше напишана на ракетата.
X-37B е тајна програма за која многу малку се знае. Пентагон досега откри малку детали за неговите мисии и можности.
„Во оваа мисија ќе бидат извршени повеќе експерименти отколку во која било претходно“, изјави претходно Барбара Барет од Американските воздухопловни сили.
Програмата X-37B почна во 1999 година, а авионот личи на помала верзија на вселенските шатлови повлечени од употреба во 2011 година. Произведен е од Boeing, а користи соларни панели за собирање енергија во орбитата. Долг е 9 метри, а тежок скоро 5 тони. Првиот авион имаше мисија во април, 2010 година и се врати по 8 месеци.
Последната мисија заврши во октомври 2019 година, по 780 дена минати во орбитата. Колку ќе трае актуелната мисија засега не е познато.