Мелничарите најавуваат поевтинување на лебот за околу 10% кон крајот на декември или од почетокот на идната година. Тие ја поздравуваат владината одлука за обезбедување електрична енергија по поволни цени со која се опфатени производителите на храна и велат дека од неа најголем бенефит ќе имаат граѓаните.
Но, сепак, како што објаснуваат, цената на лебот ќе зависи и од движењето на цените на суровините.
– Со двете владини одлуки, за цената на електричната енергија и за ограничување на маржите во трговијата на големо и трговијата на мало, неминовно ќе има надолна линија со што ќе се постигне нормална цена во моменталната кризна состојба. Во зависност од индустрискиот пекарски капацитет, намалувањето на цените би било околу 10% на малопродажните цени, нормално ако основната суровина, пченицата и брашното на берзите се задржат на ова ниво со цените во опкружувањето и во светски рамки, истакнува за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија, Горан Малишиќ.
И според потпретседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) и претседател на Агро-бизнис комората при ССК, Горан Ѓорѓиевски, мора да се земе предвид дека намалувањето на цената на лебот и печивата зависи и од движењето на цените на суровините.
– Одлуката за обезбедување на електрична енергија по поволни цени за производителите на храна е важна мерка од која бенефит ќе имаат и граѓаните и стопанството. Според најавите од надлежните институции, новите договори за набавка на електрична енергија по поволни цени треба да се применуваат од 1 декември, по што би следел период на прилагодување и кон крајот на месецот или од почеток на следната година очекуваме да има надолна корекција на цените на производите, односно нивно намалување за околу 10%. Но, исто така мора да се земе предвид дека намалувањето зависи и од движењето на цените на суровините. Во таа насока се соочуваме со неповолна ситуација поради повлекување на Русија од договорот за транспорт на житото од Украина преку Црно Море, поради што процесот е стопиран и тоа веќе предизвикува раст на цените на берзата. Овој проблем има глобална димензија и не би можеле да кажеме со сигурност како ќе се одрази кај нас, нагласува Ѓорѓиевски.
Како дополнителна мерка која ќе влијае на намалување на негативниот ефект од растот на цените на суровините, тој го посочува активирањето на стоковните резерви.
– Така би можело да се обезбедат влезни производни инпути по соодветно ниски цени, а со нив, пак, би се постигнала пониска цена на крајниот производ, вели Ѓорѓиевски.
Засега, цените на лебот кај нас во споредба со опкружувањето се на исто ниво. Поголеми се, како што информира Малишиќ, само од околните држави кои го субвенционираат лебот, како што е Србија, додека цените во ЕУ се од 120 до 360 денари по векна, зависно од грамажата.
– Со Одлуката на Владата мелниците и пекарниците да купуваат струја од ЕСМ Продажба по цена од 80 евра за мегават час, ќе се стабилизираат производствените трошоци од електрична енергија во индустријата, со што ќе се создаде можност мелниците повторно проработат на нивото пред огромното зголемување на цените на струјата, а кај пекарниците да има предвидливи трошоци за стабилизација на цената и во многу краток период и намалување за истиот процент на намалување на цените лебот и печивата. Просто кажано, со Одлуката избегнавме опасност од повторно зголемување за цените што е многу позитивно и за индустријата – да мисли на надополнување на сопствените залихи со оперативните средства, а не како да ги покрие трошоците за електрична енергија. Сепак, оваа одлука е најпозитивна за граѓаните и за нивниот домашен буџет, потенцира Малишиќ.
Според него, мелничката индустрија во целост згасна до крајот на септември поради високите цени на електричната енергија, со неможност да ја обработува откупената домашна и увезената пченица. Но, со постепеното олабавување на цените на струјата, од средината на октомври, срамежливо и полека почнува со работа.
– Со донесената Одлука на Владата, индустријата ќе се врати на капацитетот од претходно и ќе продолжи со работа. Цената на електричната енергија и цените на пченицата им создаваат огромни проблеми на мелниците доволно да ги надополнат и платат потребните количини пченица. За да биде полесно со оперативните средства на мелниците, како и пекарниците, требаше да се обезбедат подостапни и повеќе средства во кредитната линија во Развојната банка од обезбедените 5 милиони евра за стопанството. Со тоа ќе можевме понавреме и поевтино да ги обезбедиме потребните количини пченица и брашно, односно би добиле како индустрија и како држава поголем период на стабилни цени на производите. Сега, целата мелничко-пекарска индустрија се изложува на поголеми трошоци за камати кои секојдневно растат во комерцијалните банки, што значи, залихите во мелниците и пекарниците се одржуваат на некој можен максимум, но се најмали во споредба со изминатите години, истакнува Малишиќ.
Поради фактот што жетвата заврши летово, Владата и ресорните министерства, смета Малишиќ, треба сиот свој капацитет да го насочат кон целосно засејување на сите необработени површини со основните житни култури за прехрана на населението и со многу дополнителни стимулации за да станеме увозно независни и самоодржливи.
– Владата секогаш може да донесе дополнителни мерки за прехранбената индустрија со цел крајно да му се помогне на населението и да се олабави оваа економска состојба во која се наоѓаме, но, сепак, тоа зависи и од можноста на државниот буџет, дополнува претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.