
Пред една година, најголемиот авион во светот, Антонов Ан-225 Мрія, беше уништен во раните фази на руската инвазија на Украина, а сега стана дел од игрицата „Microsoft Flight Simulator“ со една важна цел.
Играчите во играта можат да имаат искуство со летање со легендарниот Мрія, а има и опција да купат додаток за да придонесат за реконструкција на вистинскиот авион.

Мрія беше произведен во СССР и беше огромен транспортен авион со 6 мотори. Тоа беше и најтешкиот авион во светот со распон на крилата од 88 метри. Мрія го направи својот прв лет во 1988 година и беше користен за транспорт на разни работи како советски вселенски шатлови, тенкови, дизел локомотиви, десетици автомобили во исто време и многу повеќе.
Производството на втората Мрія беше во тек, но никогаш не беше завршено. Денеска се планира реконструкција на Мрія користејќи делови од уништениот авион и делови од недовршениот, а проектот се очекува да чини повеќе од 500 милиони долари.

Антонов Ан-225 Мрія е достапен во „Microsoft Flight Simulator“ со 6 различни бои, вклучувајќи го и Xbox Aviators Club. Тоа е всушност продавница во игрицата која е веќе достапна за компјутер, додека корисниците на Xbox Series X и S конзолите ќе можат да пристапат до неа подоцна.

Виртуелната Мрія чини 20 долари, а целиот приход ќе биде дониран на корпорацијата Антонов за проектот за реконструкција на авионот. Во меѓувреме, тимот на iniBuilds зад виртуелниот Мрія објави прирачник и други детали за авионот на своите форуми.
