Американската музичка поп ѕвезда Лејди Гага одложи дел од својата европска турнеја поради проблеми со здравјето, соопштија организаторите.
Шестнеделниот дел од европската турнеја на Гага требаше да почне во Барселона на 21 септември и да заврши на 28 октомври во Германија, а во меѓувреме требаше да настапи во Швајцарија, Италија, Белгија, Холандија, Франција, Велика Британија, Данска и Шведска.
„Лејди Гага се соочува со сериозни физички болки кои ја попречуваат во нејзините настапи. Околу нејзиното здравје и понатаму се грижат медицински експерти, кои и препорачале одложување на оваа турнеја“, наведе организаторот на турнејата.
Во соопштението се додава дека оваа 31-годишна музичарка наредните седум недели планира да ги помине со своите доктори, со цел да и се намалат болките кои и влијаат на нејзиниот секојдневен живот.