Фудбал

Левандовски ја обвини тактиката на Нико Ковач за поразот од Ливерпул

14. март 2019 - 12:15 | К.З.

Ако не беше јасно досега, тогаш натпреварот против Ливерпул ни разјасни дека наредното лето ќе донесе големи промени во Баерн Минхен – како во составот, така и на клупата.

Со оглед на изјавата на Роберт Левандовски, не би требало да ве изненади ако Пољакот на лето направи трансфер во друг клуб, но тренерот Нико Ковач скоро сигурно ќе го напушти клубот пред полскиот напаѓач.

Ливерпул го победи Баерн среде Минхен со резултат 1:3 и се пласираше во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а на Роберт Левандовски не му беше сеедно што се најде на губитничката страна. Поради ремито без голови од првиот меч, Баерн Минхен беше елиминиран и уште еднаш ги остави своите навивачи разочарани од прикажаното на теренот.

„Во првиот натпревар не ризикувавме доволно и не нападнавме за да постигнеме гол. Не нападнавме на домашен терен, немавме доволно шанси за постигнување погодок и тоа беше најголемиот проблем. Игравме пред нашите навивачи ама не ја игравме нашата игра, па затоа загубивме од Ливерпул. Не сум среќен. Баш напротив, лут сум бидејќи моравме да бидеме подобри, а не бевме“, изјави Роберт Левандовски по натпреварот.

Суптилната критика за тактиката на Нико Ковач не е прва од тој тип сезонава. Уште на почетокот, по првите неколку кола, критики за тренерот имаа Левандовски и Хамес Родригез, но потоа тимот почна да игра подобро и се доби впечаток дека во Минхен е сѐ во ред.

Баерн Минхен сега ќе се фокусира на одбрана на титулата во Бундес лигата, каде ја дели првата позиција со Борусија Дортмунд, откако успеа да надополни голема бодовна разлика која „милионерите“ ја заработија во првиот дел од сезоната.

Коментирај