Не отстапуваме, ќе се бориме до крај, порача пратеникот Борислав Крмов откривајќи дека неговата партија преку филибастерионг со над илјада амндмани ќе се обиде да го блокира најавениот предлог-закон.

„Левица против корпоративниот феудализам! 1.111 амандмани поднесени за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој неуставно, работната недела од 40 часа се зголемува на 60 часа и работниците ќе работат и недела“, напиша Крмов на својот Facebook профил.
Пратениците од владеачкото мнозинство синоќа прифатија 8 од 9 предлог-закони за измени на постојните закони. Меѓу нив е и предлог-законот за 60 часа работна недела наместо 48 часа за работниците на Бехтел и Енка. Само контроверзниот предлог за археолошко наследство не беше бел од измените, бидејќи беше повлечен откако на протест излегоа загрижените археолози.
„Денес на комисиска расправа се ставени скандалозните предлог-измените на Законот со работни односи, со кои се предвидува работниците на Коридорот 8 да работат и до 60 часа неделно. Овој предлог-закон е дел од осумте закони со кои се фаворизира контроверзната компанија Бехтел и Енка, која ја следат низа корумпирани скандали во регионот. Токму Уставниот суд минатата година го укина членот 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфструктурниот Коридор 8, во кој се предвидуваше можност за 60 часовна работна недела“, рече денеска Крмов на прес-конференција во Собранието.
Тој најави дека неговата партија ќе стори сѐ што може да го блокира овој закон, но и дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ со своите мноштво пратеници ја има моќта да ги сопре, доколку сака.
„Ние со два пратеника и со тие ограничени ресурси кои ги имаме ќе дадеме сѐ од себе да ова да го спречиме со сите расположливи средства коишто ни остануваат на располагање. Во сите комисии власта има мнозинство, а и да е претседател од опозицијата, во сите комисии власта има мнозинство. По наши информации ќе се обидат да ни ги узурпираат амандманите со тоа што планираме да ги поднесеме и да ја туркаат говорницата на сила, може ќе пробаат да ни одземат збор иако деловнички не смеат. Јас мое уставно право како пратеник ќе го бранам макар и физички. Левица со два пратеника и со ограничени ресурси може волку. ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеници. Ако ВМРО-ДПМНЕ реши да не помине, нема да помине“, додаде Крмов.