Компанијата LG во последните неколку месеци е зафатена со нови производи кои вклучуваат нови дисплеи, нови смартфони и различни технологии кои ги развиваат за свои, но и за туѓи потреби. И покрај сите овие обврски, LG подготвија изненадување за сите фанови на нивната линија лаптопи.
Gram е новиот адут на компанијата LG, која го замисли овој лаптоп како потенцијален фаворит на сите корисници кои не сакаат да носат со себе масивни и тешки уреди, туку преферираат компактни и лесни лаптопи.
А LG Gram е токму тоа – ултралесен лаптоп кој поседува 17-инчен дисплеј со резолуција од 2.560 х 1.600 пиксели. Тој е тежок само 1,3 килограми и има дебелина од 17,78 милиметри. Доаѓа со внатрешна меморија од 512GB, 16GB RAM и Intel Core i7-8565U процесор. Покрај тоа има и три USB-A 3.1 излези, еден USB-C излез, читач за microSD картичка и HDMI излез.
Од компанијата тврдат дека батеријата на овој лаптоп трае и до 19,5 часа, но тврдењата за просечниот живот на батеријата се секогаш дискутабилни.
Овој лаптоп поседува и позадинско осветлување на тастатурата, нумеричка тастатура на десната страна, како и сензор за отпечаток на прстите. Над екранот се наоѓа HD камера и микрофон, кои се од солиден квалитет и можат да бидат од корист.
Цената на LG Gram сепак не е соодветна со неговата тежина. Таа изнесува 1.700 долари, што го прави еден од поскапите модели на пазарот.