Музика

Лични предмети на Кит Флинт од Продиџи ќе се продаваат на аукција

7. октомври 2019 - 18:59 | А.С.

Предмети што му припаѓаа на фронтменот на Продиџи, Кит Флинт, ќе бидат ставени на аукција за да се соберат пари за да се подмират сите финансиски обврски по неговата смрт.

Во понудата спаѓаат златни плочи на „Продиџи“, облека, неколку парчиња накит, меѓу кои неговиот познат пирсинг за нос со двоен конус, како и специјално дизајниран кревет во кој Флинт спиеше сѐ до неговата смрт.

Аукциската куќа Cheffins Fine Art соопшти дека нема предвидувања за вредноста на предметите, со објаснување дека „речиси е невозможно да се направи проценка“.

„На аукцијата ќе има интересни предмети што даваат увид во личниот живот на Кит и ја нагласуваат разликата меѓу неговата сценска персона и неговиот приватен живот“, изјави Мартин Милард, директор на аукциската куќа.

Аукцијата ќе се одржи на 7 ноември.

Кит Флинт, кој со Продиџи создаде низа хитови, меѓу кои „Breathe“ и „Firestarter“, почина во март годинава.

Неговото безживотно тело беше најдено во неговиот дом во Есекс. Првичната причина смртта беше „самоубиство со бесење“. По токсиколошките тестирања од обдукцијата, резултатите покажаа дека Кит пред смртта зел кокаин, алкохол и кодеин.

Судскиот вештак Каролин Бисли Мари тврди дека нема доволно докази дека Кит сакал намерно да се самоубие.

„Што ако само изведувал глупости и сѐ тргнало на лошо? Никогаш нема да бидеме сигурни што му било во главата тој ден и поради тоа во истрагата за неговата смрт ќе прогласам ‘отворен заклучок’“, изјави таа.

Според британскиот правен речник „отворен заклучок“ е опција што судскиот вештак ја користи за да потврди дека смртта е сомнителна и не може точно да се утврди причината за смртта.

„Ја разгледував можоста за самоубиство, но за да дојдам до тој заклучок, ќе мора да потврдам дека Флинт намерно презел мерки за да си го одземе животот. Имајќи ги предвид околностите, не наоѓам доволно докази за да речам дека било самоубиство“, додаде судскиот вештак.

Мртвото тело на Кит го најде негов пријател кој веднаш викнал Брза помош, но веќе било предоцна. Болничарите го прогласиле за мртов на самото место.

Флинт, познат по неговиот екстравагантен изглед во 90-тите и енергичните настапи со Продиџи, со години се бореше со зависност од алкохол и дроги, како и со депресија.

Коментирај