ПРВА МАКЕДОНСКА ПОЕТЕСА ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА НАИМ ФРАШЕРИ

Лидија Димковска: За градење мостови меѓу народите кои живеат на исто тло и во исто време, никогаш не е и не смее да биде доцна

Македонската поетеса, писателка и преведувачка Лидија Димковска е добитничка на големата награда „Наим Фрашери“ што се додели на 24-тото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Денови на Наим“.

Ова е одлуката на жирито на Фестивалот кој се одржува од 15 до 18 октомври во Тетово.

Спречена од пандемијата со COVID-19, Димковска не можеше да присуствува на фестивалот, па реши преку писмо јавно да се заблагодари за наградата. Таа во писмото го нагласува фактот дека е прва македонска добитничка на оваа престижна поетска награда, а исто така зборува и за поетската и хуманистичката големина на албанскиот поет Наим Фрашери.

Нејзиното писмо ви го пренесуваме во целост:

Почитувани поетеси и поети, пријателки и пријатели, и сите кои ја сакате и почитувате најголемата од сите уметности – Поезијата

Многу се радувам што годинава токму мојата поезија ја избравте да биде наградена со високото меѓународно поетско признание кое го носи името на врвниот албански поет Наим Фрашери. Ми претставува чест што во 24-годишното постоење на наградата и на самиот поетски фестивал Денови на Наим, сум првата македонска добитничка на наградата. Чувствувам потреба наградата симболично да ја споделам и да им ја посветам на сите оние македонски поети и поетеси кои можеа да ја добијат во сите овие години, но таа, ете, ме почека мене. Ќе ги спомнам во тој контекст само некои од моите најсакани автори кои несомнено заслужуваа да бидат закитени со големата награда „Наим Фрашери“, но починаа токму низ децениите на фестивалот: Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Јован Котески, Светлана Христова- Јоциќ, Матеја Матевски, Лилјана Дирјан, Игор Исаковски... Но за градење мостови меѓу народите кои живеат на исто тло и во исто време, никогаш не е и не смее да биде доцна. Сите ние сме современици по збор, а без зборот нема поезија. Да можеа да се сретнат во исто време и на исто место Наим Фрашери и Блаже Конески сигурна сум дека цврсто ќе си ги стиснеа рацете и со часови ќе разговараа на многу теми, поетски, јазични, културни и општествени и на крајот ќе се разделеа како искрени пријатели. Големите луѓе се разбираат меѓу себе не на национално, туку на наднационално ниво и знаат да ја почитуваат другоста бидејќи се во основа космополити кои го шират не само својот јазик туку и јазиците на светот. И двајцата ќе имаа што да си кажат за уметничката порака на која темели секоја добра поезија, а и двајцата пишуваа исклучително добра поезија. Ќе можеа и критички да се изјаснат на сметка на злоупотребите на големите поети во дневно-политичките пресметки на национална основа.

Но факт е дека Наим Фрашери бил современик со најголемите македонски преродбеници: Рајко Жинзифов, Цепенков, Чернодрински, Прличев и др. Особено меѓу Фрашери и Прличев има чудесна поврзаност иако најверојатно не се познавале лично: имено, Фрашери освен на мајчиниот албански, пишувал и на грчки, персиски и турски јазик, а Прличев освен на мајчиниот македонски, пишувал и на грчки и бугарски јазик, Фрашери ја превел Илијада од грчки, а Прличев имал исто таков обид. Сите преродбеници на Балканот кон крајот на деветнаесеттиот век биле поврзани преку парадигмата на хуманизмот и националната самобитност погледнати низ призмата на романтизмот и на неговите идеали. И духот на Фрашери како и духот на останатите преродбеници биле поголеми од духот на времето во кое живееле како и од духот на Европа која не напуштајќи го минатото преминувала во иднината на дваесеттиот век. Токму затоа и денес стиховите на Наим Фрашери ја шират истата хуманистчка порака: дека заеднички светилник треба да ни бидат меѓусебната почит и разбирање.

Наградата „Наим Фрашери“ за мене претставува потврда дека мојата верба во мултикултурноста, во заедничката сегашност на сите народи, во сожителствувањето, во почитувањето на човековите права, во можноста Албанците и Македонците да не живеат едни покрај други во паралелни светови, туку заедно, во свет од културни вкрстувања, и пред сѐ дека мојата верба во поезијата и културата како универзални вредности и сеопшто светско богатство е сосема оправдана и на прав пат. Иако наградата ја добивам во време на присилна отуѓеност од здравствени причини, за да станеме и останеме блиски ни е пред се потребна уметноста бидејќи само таа ги лекува сите рани на светот во кој живееме.

Уште еднаш Ви благодарам за оваа исклучителна награда. Сигурна сум дека Наим Фрашери од пределите на вечноста ни испраќа поетска и животна порака во која и самата верувам: „Сакајте го животот, трудот сакајте го/ и еден друг сакајте се!“

Лидија Димковска

реклама

Со две ластичиња до убави велигденски јајца со нова шара

Read more

Како изгледал етничкиот состав на цела Македонија во 1905 година?

Read more

Адвокат советува на кое прашање никогаш да не одговарате кога кога ќе ве запре полиција

Read more

Ослободете се од пајаците во домот со природен лек

Read more

Култура

Националниот џез оркестар со „Џез лектира“ гостува во Велес

Read more

Почнува Крај Вардарот Џез: Три фестивалски вечери и пет концертни настапи кои кокетираат со авангардни стилови

Read more

Под слоганот Приказна се чита денеска почнува Саемот на книга

Read more

Вечерва во МКЦ премиера на документарецот Време на бетон

Read more
 

Вести

Националниот џез оркестар со „Џез лектира“ гостува во Велес

Читај повеќе

Новинарска фотографија на годината: Не сакаше да го пушти телото на девојчето

Читај повеќе

Џонсон: Балканот може да биде следната цел на Путин

Читај повеќе

Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка

Читај повеќе

МОН: Во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес наставата ќе се реализира со скратени часови

Читај повеќе

Доживотен затвор за маж кој на свиреп начин уби жена во Кочани

Читај повеќе

Ќе го оставиме срцето на терен за интересот на Македонија, рече Мицкоски и најави позитивна кампања

Читај повеќе

Пендаровски со претставка за говорот на омраза, навредите и дискриминацијата од страна на Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ

Читај повеќе

ЕУ воведе нови санкции за Иран

Читај повеќе