Фенербахче и ПАОК доживеаја шокантни елиминации во квалификациите за Лигата на шампионите. Двата тима играа продолженија, но не успеаја да ги минат Лил, односно Малме. Фенербахче и ПАОК продолжуваат во плеј-офот за пласман во Лига Европа.
На првиот натпревар во Франција беше 2:1 за домаќините, а во реваншот се играa продолжениja и Лил се пласираше во плеј-офот со гол од пенал во 118. минута, откако претходно Фенербахче избори продолженија со автогол во 90-та минута +1.
Тимот на Жозе Мурињо на теренот долго се мачеше, но успеа да надомести во судиското надополнување. Со несреќниот автогол на Бафоде Диаките, Фенер го израмни резултатот и дојде до продолженија.
Но, во дополнителните 30 минути Фенербахче одигра без ризик, чекаше грешка на противникот, која не ја дочека. Не им помогна на домаќините и фактот што од 109. минута имаа играч повеќе на теренот, поради исклучувањето на дефанзивецот на Лил, Аиса Манди.
Во еден од ретките напади на гостинскиот тим, во 115. минута Канаѓанецот Џонатан Давид шутираше, топката удри во раката на еден играч на Фенер. Интервенираше ВАР и беше досуден пенал кој Давид го претвори во гол.
Во претпоследната минута Фенер имаше шанса, но ударот на Џенк Тосун заврши во гредата.
Во плеј-офот за Лига Европа Фенербахче ќе игра против Ројал Унион, додека Лил за место во Лигата на шампионите за противник ќе ја има прашка Славија.
На стадионот „Тумба“ во Солун, ПАОК во драматична завршница испадна од шведскиот шампион Малме.
Спектакуларен натпревар одиграа ПАОК и Малме, откако првиот меч во Шведска заврши 2:2. Во Солун, по продолженијата победи Малме со 3:4.
ПАОК секунди го делеа од пласман во плеј-офот за Лигата на шампионите. Но, во 90-тата минута +6 Нилс Зетерстрем постигна бизарен гол и избори продолженија за Малме.
Во продолженијата играчите на шведскиот шампион доминираа и успеаја да постигнат гол во 99-тата минута преку Данецот Андерс Кристиансен.
Пласман во наредната фаза од Лигата на шампионите обезбедија уште и Слован, Боде/Глимт, Салцбург, Митјиланд, Карабаг, Спарта, Славија и киевски Динамо.