Фудбалерите на Лил го победија Реал Мадрид во второто коло од Лигата на шампионите на стадионот „Пјер-Морој“ со 1:0 и со тоа му го нанесоа првиот сезонски пораз на европскиот шампион.
Првото полувреме помина во иницијатива на францускиот клуб, а до заслужено водство дојдоа во 3. минута од судиското надополнување кога Канаѓанецот Џонатан Давид сигурно го реализираше пеналот.
За разлика од првото полувреме, во вториот дел немаше шанси. Реал и покрај желбата за израмнување не успеа да создаде соодветен притисок од кој ќе создадеше шанси, па конечниот резултат беше 1:0 за Лил.
И Лил и Реал сега имаат по 3 бода од првите две кола. Во следното коло Лил е домаќин на Атлетико, додека Реал ќе ја пречека Борусија Дортмунд.
Уште едно изненадување се случи, сега во Англија, каде Астон Вила го победи фаворизираниот Баерн со 1:0. Решавачкиот гол дојде на 11 минути пред крајот на натпреварот кога Џон Дуран ја искористи големата грешка на истрчаниот голман Мануел Нојер и го матираше за ерупција од воодушевување кај домашните навивачи.
Најубедливата победа на вечерта ја оствари Бенфика која со изненадувачки 4:0 го совлада Атлетико, тим што тешко прима голови. Стрелци за Бенфика беа Керем Актурколу, Анхел Ди Марија, Александер Ба и Оркун Ќокчу.
Резултати од вториот ден од 2. коло:
Жирона - Фејнорд 2:3
Шахтар - Аталанта 0:3
Астон Вила - Баерн 1:0
Бенфика - Атлетико 4:0
Динамо - Монако 2:2
Лил - Реал Мадрид 1:0
Ливерпул - Болоња 2:0
Лајпциг - Јувентус 2:3
Штурм - Клуб Бриж 0:1