Регион

Лондон против промена на границите на Балканот

9. август 2018 - 20:07 | МИА

Приштина, 9 август 2018 (МИА) - Велика Британија смета дека повиците за промена на границите на Балканот можат да донесат нестабилност во регионот, соопшти денеска Британската амбасада во Приштина.

„Веруваме дека повиците за промена на националните граници може да доведат до дестабилизација“, се нагласува во одговорот на Амбасадата до Радио Слободна Европа - програма на алабански јазик. 

Во дописот на Амбасадата се истакнува дека британската Влада поддржува нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, за кои смета дека се од витално значење за безбедноста, стабилноста и просперитетот на двете земји и на регионот во целина.  

Последниве денови и од Белград и од Приштина се промовираат идеи за поделба на Косово, за размена на територии или за корекција на границата, како дел од процесот за нормализација на однсите меѓу Србија и Косово.

Вчера и американскиот Стејт департмент ги повика Белград и Приштина да покажат далековидост и флексибилност за да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот. 

- Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме двете страни и ЕУ како посредник. Косово и Србија мора да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот, За тоа се потребни далековидост и флексибилност од двете страни, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека суштината на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина треба да потекне од двете преговарачки страни.  

Во соопштението натаму се истакнува дека САД ги охрабруваат Белград и Приштина „да преземат одговорност за целиот процес, да запрат со негативната реторика и да работат заедно на конструктивен начин“.

Коментирај