Фудбал

Лош ден за Кутињо: Пајак му го однесе автомобилот, па му ја ограбија куќата

20. февруари 2018 - 19:50 | К.З.

Најновото име во дресот на Барселона, Филипе Кутињо, нема по добро да го памети првиот месец од новата авантура во Шпанија. Вчера, иако не се одигра ниту еден натпревар, тој имаше еден од најлошите денови откако е професионален фудбалер.

Бразилскиот офанзивец вчера доживеа две непријатности во рок од само неколку часа.

Најпрво пајак му го однесе автомобилот, кој бил непрописно паркиран во близина на еден од најпознатите симболи на градот, Саграда Фамилија, а подоцна во вечерните часови непознати криминалци му го обиле станот, пишуваат каталонските медиуми.

Откако ја платил казната и си го вратил автомобилот модел Audi Q7, Кутињо отишол во ресторан каде вечерал со најблиските, а кога се вратил дома таму го чекало уште едно непријатно изненадување.

Кутињо веднаш повикал полиција која набрзо стигнала на местото на настанот и направила увид на ситуацијата, а интересно е дека на семејството на Бразилецот во помош им пристапила сопругата на неговиот соиграч Луис Суарез, кој живее во близина.

Да потсетиме, Кутињо не отпатува во Лондон заедно со неговите колеги од тимот на Барселона бидејќи нема право за настап во Лигата на шампионите со оглед на тоа што играше за Ливерпул во ова натпреварување во првиот дел од сезоната.

Коментирај