Фудбал

Ловрен: Успехот на СП покажа дека јас сум еден од најдобрите дефанзивци во светот

12. јули 2018 - 15:26 | К.З.

Стоперот на Ливерпул и хрватската репрезентација, Дејан Ловрен, верува дека Мундијалот во Русија е доказ дека тој е еден од најдобрите одбранбени играчи во светот. Неговата репрезентација вчера се пласираше во финалето на СП а тој со многу самодоверба влегува во последниот натпревар од првенството.

Ова е второ финале сезонава за Дејан Ловрен, кој во мај беше стартер во тимот на Ливерпул во финалето од Лигата на шампионите кое неговиот тим го загуби од Реал Мадрид. Сега тој се надева на различен крај.

Хрватот вели дека неговата репрезентација сака да ја искористи оваа шанса да се одмазди на Франција за поразот на Светското првенство од пред 20 години, кога во полуфиналето од СП 1998 се сретнаа овие две репрезентации а французите на крајот отидоа во финалето и се израдуваа на трофејот.

„Чувството е неверојатно, покажавме карактер и покажавме дека заслужуваме да бидеме во финалето. Понекогаш критиките се неоправдани и сега барам луѓето да ме почитуваат. Не сакам да бидам арогантен, но мислам дека докажав дека сум еден од најдобрите дефанзивци во светот. Дефинитивно“, рече Дејан Ловрен по победата на Хрватска во полуфиналето.

Тој беше остро критикуван кога во поразот од Тотенхем со резултат 4:1 во октомври минатата година беше заменет по само 31 минута. Тој ден, Хари Кејн правеше што сака на теренот, но вчера Ловрен и Вида успеаја да го запрат моќниот англиски напаѓач.

„Сите критики ме тераат да работам напорно и да им докажам на луѓето дека грешат. Од денес па натаму луѓето ќе бидат свесни дека ние успеавме да испишеме историја. За 20 години луѓето ќе не паметат нас а не играчите од 1998. Горд сум поради тоа, но сега имаме уште еден натпревар за навистина да ги направиме горди нашите навивачи“, додаде Ловрен.

Тој истакна дека е презадоволен што неговиот тим ја покажал големината со тоа што трет натпревар по ред играат натпревари со продолженија и сепак на крајот беа посвежи од противникот. Според него, тоа ја покажува желбата за победа на Хрватска.

Коментирај