Фудбал

ЛШ: Реал оди во Минхен, Барса во Торино

17. март 2017 - 13:43 | Макфакс

Во седиштето на УЕФА во Нион, Швајцарија, точно на пладне беа извлечени четвртфиналните двојки во Лигата на шампионите. Дербито на оваа фаза е пресметката помеѓу Баерн и Реал.

Актуелниот европски шампион Реал Мадрид, во четвртфиналето, во Лигата на шампионите ќе се соочи со германскиот шампион Баерн Минхен. Дуелот на овие два тима ќе го обележи и враќањето на Карло Анчелоти на „Сантијаго Бернабеу“, односно тоа ќе биде дуел помеѓу Италијанецот и неговиот поранешен асистент Зинедин Зидан.

Карло Анчелоти, во 2014 година, во Лисабон, го предводеше Реал до јубилејната 10 титула во Лигата на шампионите, а прв асистент му беше актуелниот тренер на Реал, Зидан.

Не помалку интересна и неизвесна пресметка фудбалските фанови ги очекува и во четвртфиналниот двомеч помеѓу Јувентус и Барселона.

Другите две двојки се помалку атрактивни, но не значи дека и тие нема да понудат врно уживање. Атлетико Мадрид, тим кој два пати играше финале во последните три сезони, за противник го доби англискиот шампион Лестер, додека Монако по елиминацијата на Манчестер Сити, во четвртфиналето ќе се соочи со Борусија Дортмунд.

Првите четвртфинални натпревари ќе се одиграат на 11 и 12 април, а реваншите на програмата ќе бидат на 18 и 19 април.

Лига на шампиони сезона 2016/2017, четвртфинални двојки:

Атлетико Мадрид-Лестер

Борусија Дортмунд-Монако

Баерн Минхен-Реал Мадрид

Јувентус-Барселона. 

Коментирај