Според најновото истражување на британската Национална здравствена служба (NHS), веројатноста за смртен исход при зараза со COVID-19 е поголема кај болните од дијабетес тип 1, отколку кај оние со дијабетес тип 2.
Во извештајот од истражувањето исто така се наведува дека речиси секој трет пациент кој починал од коронавирус во британските болници бил дијабетичар, објави The Guardian.
Возраста сепак се смета за клучен, одлучувачки фактор за ризикот од смртност кај лицата заболени од дијабетес од кој било тип, ако се заразат со коронавирус. Според најновите податоци од NHS, помладите лица со дијабетес имаат многу низок ризик од смртен исход во споредба со дијабетичарите постари од 40 години, а посебно во споредба со оние над 60 години.
Досега во британските болници од COVID-19 починале 7.466 лица со дијабетес тип 2 и 365 со тип 1.
„Бактериските инфекции се почести и со потешка форма кај дијабетичарите. Повисокиот ризик од смртен исход по зараза со коронавирусот најверојатно не е поврзан со самиот вирус, туку станува збор за тоа дека секоја тешка инфекција може да предизвика проблеми во контролирањето на инсулинот“, вели доктор Џон Коен од Медицинскиот факултет за Брајтон и Сасекс.
„Затоа, пациентите со дијабетес најверојатно не се изложени на поголем ризик од зараза со COVID-19, но имаат поголем ризик да развијат посериозни симптоми во случај на зараза“, додаде тој.