Живот

Луѓето кои плачат на филмови се најсилните личности

14. септември 2018 - 16:08 | А.С.

Луѓето кои се расплакуваат на емотивна сцена во филм обично се мета на шеги и подбивање од пријателите дека се „мекуши“, особено ако истите тие личности тврдат дека никогаш не плачат. Но, токму овие луѓе кои плачат на филмови имаат ниво на емпатија што другите луѓе не успеале да го достигнат.

Ако се расплакувате на филмови, претстави и други видови на перформанси, голема е веројатноста дека сте емпатична личност. А всушност, човек треба да биде многу силна личност за да биде емпатичен.

Многу луѓе, како социопатите и нарцисоидните личности, немаат чувство за емпатија. Никогаш не се ставаат себе си во туѓа кожа. На овие луѓе им е тешко да сочувствуваат со другите, па освен ако не сте хирург или топ бизнисмен, тоа не е баш некоја позитивна особина.

Од друга страна, да се грижите за некого потребна е голема сила. Животот може да ве изложи на најразлични препреки и премрежја, но не мора да имате поминато низ истото за да сочувствувате кога некој се наоѓа во тешка ситуација. Емпатичните луѓе се доволно силни да ја почувствуваат болкат на другите, но и да бидат силни и за нив и да им бидат поткрепа.

Никогаш не е „тапа“ да бидете грижливи и сочувствителни, дури и кога станува збор за измислени ликови во филм. Тоа значи дека може да ви се скрши срцето за некој друг и до крајот на филмот да закрепнете, што пак, дополнително укажува дека ја сфаќате разликата меѓу фикцијата и реалноста.

Ако не сте од овие луѓе кои плачат на филмови, имајте предвид дека во никој случај не е во ред да е шегувате на сметка на нивната емпатија и дека таквата реакција можеби е резултат на слична лично доживеана траума, па не е лошо и самите да покажете сочувствителност и да вежбате емпатија.

Коментирај