Ф1

Луис Хамилтон се приближува до рекордот на Шумахер

27. јуни 2019 - 16:59 | К.З.

Со последната победа на француското Гран При, петкратниот Формула 1 шампион Луис Хамилтон има биланс од шест победи на овогодинешните осум трки и силно чекори кон нова титула во најелитното автомобилско натпреварување.

На наредната трка во Австрија, Луис Хамилтон цели на 80-та победа во неговата кариера и со тоа би му се доближил на Михаел Шумахер, кој ја заврши кариерата со вкупно 91 победа.

Рекордот на Михаел Шумахер беше поставен во 2006 година и тогаш општото мислење беше дека никој, никогаш нема да може да го надмине овој фантастичен учинок. Но, Луис Хамилтон направи маестрална серија во која победи на 14 од последните 19 трки и сега се наоѓа во добра позиција за да го стигне или надмине овој скор.

Арената Red Bull Ring во Австрија не му е баш омилено место на Хамилтон, кој таму победи само еднаш во петте обиди, а минатата година мораше да се откаже поради дефект на болидот.

На третото место по бројот на победи се наоѓа Себастијан Фетел, кој има вкупно 52 победи во кариерата, а една помалку од него има Алан Прост. Во елитната петорка е и легендарниот Аиртон Сена, кој во кариерата забележа 41 победа.

Ако има многу среќа и остане концентриран, до крајот на сезоната Хамилтон може да го стигне и да го престигне Шумахер на вечната листа, бидејќи има уште 13 трки до затворањето на сезоната. Дополнително, доколку ја освои оваа титула, тоа ќе биде шеста за Хамилтон. За споредба, Михаел Шумахер има седум титули.

Договорот на Хамилтон со Mercedes трае до крајот на 2020 година, но тој изјави дека би сакал да продолжи да се натпреварува и понатаму, без разлика на тоа што сега има 34 години.

Коментирај