Фудбал

Лука Модриќ: Од бегалец до најдобриот фудбалер на светот

25. септември 2018 - 19:48 | М.Д.

Фудбалерот од средината на теренот на Реал Мадрид и капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, е најдобар пример кој ја потврдува фразата на легендарниот тренер на Ливерпул, Бил Шенкли, за тоа колку е фудбалот значаен помеѓу животот и смртта.

Денеска најдобриот фудбалер на светот е дете кое проникна од војната во Хрватска. Лука секогаш размислуваше како да постигне нешто во животот. Како роден натпреварувач од мали нозе, тој секогаш имаше само една мисла во својата глава: Никогаш немој да се откажуваш кога е тешко, напротив подигни се и биди посилен.

Со Реал Мадрид освои четири титули во Лигата на шампионите, но и понатаму живее мирен семеен живот во куќа, која за останатите големи фудбалски ѕвезди е доста мала.

„Кога луѓето ме прашуваат зошто живеам во мала вила, јас им одговорам дека ние сме само четворица во домот и дека не знам што би правеле со пет-шест соби кои не ги користиме“, рече во една прилика феноменалниот фудбалер.

Лука имаше само шест години кога неговото семејство во 1991 година беше принудено да побегне од својот дом, поради војната на тие простори во тој период. Жртва на тамошната војна беше и неговиот дедо Лука, кој е убиен како цивил.

Додека живееше како бегалец, Лука ги поминуваше деновите играјќи со топка. Таа негова игра беше прекинувана со истрели на куршуми и бомби, поради војната која во тој период се одвиваше. Од локалниот клуб Задар го забележаа неговиот талент, како и тоа со колку љубов ова момче ја шутира топката.

За тој период од неговата кариера најмногу е заслужен тренерот Томислав Башиќ, човекот кој почина, а на кого Модриќ му ја посвети титулата од Лигата на шампионите која ја освои во 2014 година, кога Хрватот истакна дека од него немаше да биде ништо, доколку не му помагаше неговиот тутор Томислав Башиќ, кој, како што тој вели му бил како втор татко.

Откако импресионираше на турнирите за млади во Италија, бргу реагираше Динамо па го доведе во своите редови, иако тој веќе беше на радарот на големи европски гиганти како Јувентус, Интер и Парма.

Во еден период Лука настапуваше и на позајмица во босанската фудбалска лига, носејќи го дресот на Зрињски. Од тој период, датира и неговата изјава дека кога ќе ја поминете фудбалската лига во Босна можете да станете фудбалер, каде што понекогаш се игра навистина брутален фудбал. Но, како што подоцна рече, токму тој менталитет кој тогаш го научил подоцна многу му помогнал како играч на Тотенхем и Реал Мадрид.

После одличните партии во Динамо, односно повикот за репрезентацијата против Аргентина во 2006 година, време беше за трансфер во странство. Модриќ беше пред трансфер во Њукасл, каде проценија дека е премногу слаб за Премиер лигата, па реагираше Тотенхем и ја искористи нерешителноста на великаните Манчестер Јунајтед и Барселона.

Следна станица, значи, беше Лондон. Во јуни 2008 година тој се пресели во редовите на Петлите за 19 милиони евра. На Островот се задржа четири години, каде веќе го покажа целиот свој талент и потенцијал, а во август 2012 година Модриќ станува нов фудбалер на Реал Мадрид во трансфер вреден 35 милиони евра.

Во редовите на Реал Мадрид, Модриќ успеа во потполност да го развие целиот свој потенцијал, станувајќи еден од клучните играчи на Кралскиот тим. Во годините кои следуваа тој за Реал одигра 257 натпревари, постигнувајќи 13 погодоци и што е уште поважно освојувајќи дури 14 титули, при што четири титули во Лигата на шампионите и едно шпанско првенство.

Сепак, врвот на својата кариера го доживува на Светското првенство во Русија, каде селекцијата на Хрватска како капитен успеа да ја однесе до големото финале, во кое на големо разочарување тие се поразени од новиот Светски првак Франција.

Како и да е, Модриќ одигра феноменално Светско првенство и практично на свој грб ја однесе репрезентацијата до финале, за на крај да биде прогласен и за најдобар играч на Мундијалот во Русија.

Сега, на синоќашната церемонија во Лондон, капитенот на хрватската фудбалска репрезентација, Лука Модриќ, ја прими и престижната награда од ФИФА за најдобар фудбалер на светот.

„Ова е огромна чест и прекрасен момент да се биде овде со овој трофеј. Ова не е само мој трофеј, туку и трофеј на моите соиграчи од Реал и хрватската репрезентација. Ова е и трофеј на моето семејство, бидејќи без нив никогаш немаше да станам она што сум сега“, порача капитенот на Коцкестите, кој во оваа прилика му се заблагодари и на поранешниот капитен на Хрватска, Звонимир Бобан.

„Тој беше мој пример и инспирација. Таа генерација ни покажаа дека и ние можеме да сонуваме за голем резултат. Би сакал да ја пофалам мојата Хрватска. Имавме прекрасно лето, ви благодарам на поддршката и прекрасните емоции“, порача Модриќ.

Интересно, Модриќ стана дури првиот фудбалер во последните 24 години кој во иста година ја доби наградата за најдобар фудбалер на светот, како и за најдобар играч на Светско првенство. Последен пат тоа му успеа на Бразилецот Ромарио во 1994 година.

Импресивна кариера, импресивен играч, а воедно и импресивна личност - Лука Модриќ, човекот кој е инспирација не само за сите фудбалери, туку и за сите луѓе ширум светот, бидејќи покажа дека местото каде што си роден и околностите кои те опкружуваат никако не можат да те спречат да успееш во она што навистина го сакаш. Модриќ ни покажа дека само небото е граница.

Коментирај