За време на Студената војна, кога Германија била поделена на Западна и Источна, постоеле два региона каде што радио-брановите и телевизиските преноси од Западот не доспевале, па се родиле интересни приказни.
Tal der Ahnungslosen, што приближно се преведува како Долина на неинформираните или Долина на неупатените) бил сатиричен германски надимак за одредени области во рамките на Источна Германија – имено, регионот североисточно од Грајфсвалд (вклучувајќи го островот Риген) и областа околу Дрезден – каде што географските услови го оневозможувале приемот на високофреквентни радио-бранови и телевизиски преноси од Западна Германија (конкретно од каналите ARD и ZDF, кои ги емитувале тогашните вести од Западот).
Жителите на овие области, отсечени од информациите што доаѓале од остатокот на Европа, се сметале за слабо информирани бидејќи се потпирале исклучиво на вести филтрирани од источногерманската цензура. Тие сочинувале приближно 15% од вкупното население на Источна Германија.
Поимот Долина на дезинформациите бил синоним за Дрезденската Котлина. Понатаму – во сличен сатиричен дух – акронимот ARD (кој се однесувал на главните западногермански радиодифузери) бил претолкуван како Außer Raum Dresden (Надвор од областа на Дрезден) или Außer Rügen und Dresden (Освен Риген и Дрезден). Следствено, терминот Долина на дезинформациите ги опфаќал не само Дрезден и неговата котлина, туку и големи делови од Источна Саксонија, Горна Лужица и Западна Померанија.
Со паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година и потоа обединувањето на Германија, жителите на Долината на неинформираните конечно почнале да ги добиваат сите информации за случувањата во Германија и во светот.