Доктор Предраг Лалевиќ бил член на медицинскиот совет кој се грижел за Јосип Броз Тито и поминал 16 години со него.
Пред 46 години, според официјалната верзија, на 4 мај 1980 година почина Јосип Броз Тито, претседател на социјалистичка Југославија. Сепак, според неговиот лекар, Тито всушност починал претходниот ден, додека апаратите што го одржувале во живот биле исклучени дури следниот ден, кога неговата смрт била официјално објавена.
Предраг Лалевиќ, хирург и анестезиолог кој го придружувал Тито 16 години и бил со него на 106 патувања во странство, претходно за The Telegraph ги опиша последните месеци од неговиот живот во болницата во Љубљана.
Тој бил дел од тимот лекари кои се бореле четири месеци за да го одржат маршалот во живот. Се памети по одлуката да ги исклучи апаратите што го одржувале Тито во живот.
„Хемодијализата започна наутро. Сепак, по некое време, имаше ненадеен пад на крвниот притисок кој не можеше да се стабилизира, па постапката мораше да се прекине. Сите членови на советот, дежурните лекари, како и медицинските сестри кои се грижеа за претседателот, се собраа околу креветот. Тито полека умираше“, рече Лалевиќ.
Како што изјави тој, иако респираторот работел без проблеми, промените на ЕКГ јасно укажувале дека се ближи крајот.
Лалевиќ го опиша и моментот кога смртта била официјално потврдена.
„Во 15:05 часот, ЕКГ-то покажа права линија, што значеше дека срцето престанало да чука. Стоевме покрај креветот во целосна тишина уште 15 минути. Потоа го погледнав професорот Богдан Брецељ, најстариот член на советот, и покажав кон апаратите што сè уште работеа. Тој кимна со главата, што беше знак да ги исклучам. Го исклучив респираторот, ЕКГ мониторот, пејсмејкерот и пумпата за лекови. После тоа, ја напуштивме собата“, се присети Лалевиќ.
Јосип Броз Тито починал на Одделот за кардиоваскуларна хирургија при Универзитетскиот медицински центар во Љубљана поради компликации од гангрена, три дена пред неговиот 88-ми роденден. Починал на седмиот кат, во мала соба на југоисточниот агол.