Дали чувствувате глад во текот на претпладнето и често посегнувате по ужинки? Проблемот можеби лежи во вашиот појадок.
Нутриционистот Карлос Дорадо предупредува дека многу луѓе не внесуваат доволно протеини за појадок. Тој објаснува дека, на пример, две јајца не се доволни за појадокот да се смета за богат со протеини; токму затоа многу луѓе повторно чувствуваат глад околу 11 часот и посегнуваат по ужинки.
„Не станува збор за недостаток на волја, туку за недостаток на протеини“, вели Дорадо. Тој смета дека луѓето треба повеќе да внимаваат на количината на храна што ја јадат, наместо да го обвинуваат недостатокот на самоконтрола за гладот меѓу оброците.
Тој препорачува појадок што содржи меѓу 30 и 40 грама протеини, бидејќи таков оброк може да ни помогне подолго да се чувствуваме сити и да го спречиме гладот пред ручекот. Појадокот богат со протеини исто така може да помогне во контролирањето на апетитот и одржувањето на нивото на енергија во текот на претпладнето. Целта не е нужно да се јаде помалку, туку да се избира храна што нè одржува сити подолго време.
Еден предлог е комбинација од 250 грама „скир“ (skyr) – млечен производ богат со протеини – со една дозерка протеински прав и парче овошје.
Друга опција е омлет од три јајца со мисиркино месо, послужен со парче интегрален леб, домат и маслиново масло. Двата вида појадок можат да обезбедат значителна количина протеини, во зависност од големината на порцијата и конкретните состојки што се користат.
Трет предлог е овесна каша подготвена претходната вечер и оставена во фрижидер – позната како overnight oats. За подготовка, едноставно измешајте овесни снегулки со протеински прав и боровинки, а потоа оставете ја смесата во фрижидер преку ноќ. На тој начин, појадокот е подготвен штом ќе се разбудите.
Исто така може да измешате 200–250 г урда со боровинки или јаболко, 1 лажица чиа/лен и малку ореви. Половина шолја урда дава околу 12 г протеини, па поголема порција лесно го приближува оброкот кон 25–30 г.
Земете 250–300 г несолен грчки јогурт, додадете боровинки, 1 лажица путер од кикирики или бадем и малку семки. Околу 300 г грчки когурт со семки и ореви може лесно да достигне околу 30 г протеини.
Сендвич со две јајца исто така е добра опција: 2 јајца (пржени, поширани или варени), 2 лажици хумус, 2 парчиња интегрален леб или тортилја, домат, спанаќ, краставица, парче сирење или малку урда. Хумусот од леблебија додава растителни протеини и влакна; една шолја леблебија содржи околу 15 г протеини, така дека две лажици хумус даваат помал, но корисен додаток. Ако сакате повеќе протеин, додајте 50–80 г урда наместо сирење.
Бурито за појадок? Зошто да не! 2 јајца, 80–100 г црн грав од конзерва, 80 грама црвен грав од конзерва, 50 грама пченка од конзерва, интегрална тортилја, спанаќ, пиперка, кромид, салса, малку грчки јогурт.
Нутриционистот предлага едноставен седумдневен предизвик за да видите дали појадокот богат со протеини ви одговара. Тој советува во текот на таа недела да го следите нивото на глад во периодот меѓу појадокот и ручекот, како и енергијата за време на тренинзите, а потоа да ги споредите резултатите со вашите претходни навики.
Ако забележите дека поретко посегнувате по ужинки и полесно ја одржувате концентрацијата, тоа може да биде знак дека оваа промена во појадокот е вистинската за вас. Дорадо нагласува дека изборот на здрава храна не е доволен; важно е да се внимава и на големината на порциите и тие да се прилагодат на вашите специфични потреби.
Иако протеините играат клучна улога во одржувањето на чувството на ситост, на гладот влијаат и други фактори, како што се сонот, физичката активност и исхраната во текот на остатокот од денот.
Затоа, неговите три предлози можат да послужат како инспирација за појадок што подолго ве држи сити, под услов порциите да се прилагодени на индивидуалните потреби. Целта е едноставна: да издржите до ручекот без постојана желба за грицкање.