
Не мора да одите во теретана секој ден за да согорувате вишок маснотии и да останете во форма. Еден од наједноставните и најефикасните начини за слабеење е буквално на дофат на раката. Станува збор за пешачење, активност која не бара скапа опрема или членарина, а носи бројни здравствени придобивки.
Истражувањата покажуваат дека секојдневното одење, како што се 10.000 чекори дневно, може значително да го забрза метаболизмот, да помогне во согорувањето калории и да го подобри целокупното здравје. Како што истакнува Кејн Вилкс, олимпиец и тренер по кревање тегови, одењето е „една од најпотценетите навики за согорување на масти што можете да ја практикувате насекаде“.
За видливи резултати, важно е да одите доволно брзо за да го забрзате срцевиот ритам. Според студиите, одењето со побрзо темпо му помага на телото да го активира процесот на согорување на мастите. Препорачливо е да се оди со темпо од пет до шест километри на час, три до пет пати неделно, околу 30 минути.
Освен брзото одење, кое е најкорисниот метод за губење тежина и подобрување на физичката кондиција, тренерот Вилкс истакна што друго можете да пробате ако брзото одење ви стане здодевно по некое време.
Додавањето на наклони, без разлика дали се природни наклони или наклони на лента за трчање, дополнително ја зголемува мускулната активација и согорувањето на калории. Наклонот особено ги зајакнува мускулите на задникот, нозете и торзото, а во исто време го подобрува и здравјето на срцето.
Качувањето по скали е уште еден ефикасен начин за забрзување на согорувањето на мастите, а воедно и за зајакнување на целото тело. Студиите покажуваат дека секојдневното користење на скалите може да го намали ризикот од метаболички синдром, објавува порталот Eat This, Not That.