Студените месеци не мора да значат пауза од трчањето на отворено, но бараат поинаков вид подготовка. Експертите од Mayo Clinic препорачуваат подолго загревање и слоевито облекување, додека истражувањата покажуваат дека ладниот воздух создава дополнително оптоварување за дишните патишта.
Ортопедот Келечи Окороха од Mayo Clinic во САД советува постепен пристап кон тренингот во студено време. И обемот на работа и интензитетот треба да бидат помали на почетокот, во споредба со потоплите периоди од годината.
На мускулите им е потребно повеќе време за да се прилагодат на студот, па затоа Окороха препорачува загревање што трае двојно подолго од вообичаеното. Започнете со аеробна активност – како што е лесно џогирање или брзо одење – проследена со статичко истегнување. Темпото постепено зголемувајте го, а тренингот завршете го со фаза на ладење (смирување на телото) за да помогнете во закрепнувањето.
Во студија од 2022 година, објавена во списанието European Journal of Applied Physiology, шведски истражувачи изложиле 29 здрави лица на температура од -15°C во климатска комора. Учесниците кои трчале на оваа температура покажале поизразени симптоми во долните дишни патишта и поголеми знаци на стрес на слузокожата, во споредба со состојбата кога мирувале.
Студеното време претставува уште поголем предизвик за оние чии дишни патишта се стеснуваат за време на физички напор. Во норвешка студија, објавена во 2007 година во списанието Respiratory Medicine, кај млади луѓе со оваа состојба било забележано намалување на максималната потрошувачка на кислород за 6,5% при трчање во комора со температура од приближно -18°C. Намалувањето на белодробната функција по трчањето се зголемило од 24% на 31%.
Поради тоа, Mayo Clinic советува лицата со астма предизвикана од вежбање, срцеви или белодробни заболувања, Рејнов синдром или лупус, да се консултираат со лекар пред да започнат со вежбање на отворено во зимски услови.
Се препорачува носење повеќе слоеви облека од волна или флис, додека пак треба да се избегнува памучна облека директно на кожата, бидејќи таа останува влажна и ладна. На студ, крвта се повлекува кон трупот, поради што рацете, стапалата и главата се најизложени на ризик од смрзнатини. Затоа, капата, ракавиците и термо-чорапите се од суштинско значење.
Подобро е да не се трча на дожд, бидејќи влажната облека ја зголемува чувствителноста на студот. При температури под околу -18°C или при силен ветер, Mayo Clinic советува вежбање во затворен простор, а ризикот од смрзнатини значително се зголемува уште при температури под -15 °C.
Студениот воздух е посув од топлиот, па затоа во зима е потешко да се забележи дехидратацијата. Вода треба да се пие пред, за време на и по трчањето. За тренинзи што траат подолго од еден час, се препорачува пијалак што содржи електролити.