Истражувач што ја проучувал збирката на древни египетски текстови во една холандска библиотека наишол на искинато парче пергамент што содржи клучен дел од приказната: пасус од Хомеровата „Одисеја“. Се чини дека фрагментот е дел од џебно издание на епот, изработено во Египет околу 300 година од нашата ера.
Истражувачот Марк де Креј, експерт за грчка книжевност и професор на Универзитетот Радбауд во Холандија, го нашол пергаментот додека ги проучувал ранохристијанските ракописи набавени од библиотеката на Универзитетот во Утрехт во средината на 20-тиот век, се наведува во соопштението објавено од Универзитетот во Утрехт на 14 септември.
Меѓу збирката египетски и грчки текстови, Де Креј открил мало парче пергамент со зборови што ги препознал од епот на Хомер.
„Во 'Одисеја' има многу здодевни делови. Овој, пак, е навистина интересен пасус“, изјавил Де Креј за RTV Utrecht.
1,700-year-old fragment of Homer's Odyssey found in Utrecht University library https://t.co/OEOtg50ALQ
— NL Times (@NL_Times) September 16, 2026
Новооткриениот фрагмент од „Одисеја“, со димензии од само околу 6,6 на 7,7 сантиметри, содржи стихови од 12-тата книга на епот. Конкретно, стиховите го опишуваат моментот кога богот на сонцето, Хелиј, дознава дека луѓето на Одисеј ги убиле и изеле неговите „бесмртни“ говеда.
Божицата Кирка го предупредила Одисеј да ја избегнува Тринакија, островот на Хелиј. Сепак, тој и неговите луѓе пристигнале на островот откако преживеале средба со Сцила и Харибда – чудовиште со шест глави и огромен вир. Кога Еврилох, десната рака на Одисеј, моли да им се дозволи да се симнат на копно и да најдат храна, Одисеј се согласува, под услов да не ги чепкаат говедата. Сепак, по еден месец бури, кога залихите на храна почнале да се трошат, Еврилох и другите ги убиле и изеле светите говеда на Хелиј.
Хелиј побарал од боговите да се одмаздат, а Зевс го уништил нивниот брод, убивајќи ги сите освен Одисеј.
Ова е вторпат оваа година сосема случајно да се пронајде фрагмент од епот на Хомер. Оваа пролет, археолози во Египет открија фрагменти од папирус со делови од „Илијада“ – еп за легендарната Тројанска војна – во внатрешноста на мумија од римскиот период.
„Илијада“ и „Одисеја“ биле напишани кон крајот на осмиот или почетокот на седмиот век пред нашата ера. Првото дело ја опишува десетгодишната Тројанска војна, додека „Одисеја“ раскажува за десетгодишното патување на грчкиот херој Одисеј од Троја до Итака.
Новооткриениот фрагмент најверојатно бил дел од кодекс на пергамент што датира од третиот или четвртиот век од нашата ера и бил изработен во египетската оаза Фајум. Според Универзитетот во Утрехт, досега се пронајдени само околу 30 слични фрагменти.
Во изјава за Dutch News, Де Креј изјави дека фрагментот можеби опстанал бидејќи се наоѓал во средината на џебно издание на „Одисеја“ и бил заштитен од другите страници.
Не е познато како фрагментот завршил во поголемата збирка на старогипетски текстови, пишува Livescience.com.
Иако Де Креј првпат го пронашол фрагментот во 2024 година, неговото целосно истражување на збирката грчко-римски текстови од Египет, која се чува во библиотеката на Универзитетот во Утрехт, наскоро ќе биде објавено како книга со наслов Hieratic, Demotic, Greek, and Coptic Texts in the Utrecht University Collection.