![]()
Одиш на базен - избор на сите 4 страни од градот. Можеш да бираш меѓу Плаја Виста, Воен, Карпош или Олимписки. Влезот е 100 денари за возрасни и 50 за деца, има тобогани и лизгалки, гужва, супер атмосфера. Лежалките - бесплатни. Можеш да си купиш хот-дог за 50-че или хамбургер за 80, а кока-колата е со пристојна цена од 30-50 денари. Водата за пиење - од чешма или од некој кој прска со црево накај тебе.
Навечер - со 20 денари одиш на сладолед во Малага. ДВЕ топки! Ама не било какви - "мешано" од ванила, чоколадо, банана, тути-фрути, шумско овошје, страчатела и уште 3-4 вкусови кои не знаеш што се, ама вкусни. Со насмевка ти ставаат од сите. Прелив? Да. Кикирики? Апсолутно. Ти го полни корнетот до ниво на архитектонски ризик. Обичниот корнет - бесплатен. Големиот - 5 денари. Чаша вода? Ти носат пред да кажеш. Ако си во движење - пиеш ладна вода од улична чешмичка, ко да пиеш директ од Рашче.
Има еден јавен базен. ЕДЕН. Останатите или им паѓа покривот, или се музеи-жабурњаци. Влезот е 400 денари за возрасни, 200 за деца / пензионери. Тобогани? Нема. Лизгалки? Само ако паднеш на лизгавиот под. Затоа има лежалки кои се плаќаат 150 денари. На столчињата не можеш да седнеш - резервирано било. За јадење има минијатурен тост од 150 ден. - буквално леб со траги од кашкавал. Кока колата (пластична чашка со големина на шот) е 90 денари. Вода? 0.5 литри = 70 денари. Следниот пат доаѓаш со ранец со флаши и банкомат.
Одиш на сладолед со 1.000 денари и се мислиш дали да земеш една или две топки. "Може мешано?" - вработената те гледа ко да си и рекол "mozzi insta" и вика "не". Има вкусови со имиња како: “Бајадера 3.0”, “Манго ресана фјужн”, “Нутела темна со грижа на совест”, “Јутуб”. Мора да звучи посебно за да ја оправда цената - 90 денари. Бираш помеѓу "домашен корнет" кој е дополнителни 20 денари или хартиена чашка која е 10 денари. Се радуваш што барем лажичката е бесплатна. Топката сладолед - мала колку играчка од киндер јајце. Вработената ја мери со хируршка прецизност. Ако седнеш, на масата има остатоци од сладолед и ѓубре во три агрегатни состојби. Вода? Не служиме од чешма. Ако јадеш во движење, бараш улична чешма - ама тие се "на пауза" затоа што никој не знае кој треба да ги поправи.