Иако изгледаат како едноставно јадење, ќофтињата често можe да бидат предизвик во кујната, наместо убаво обликувани топчиња, може да се распаднат и да ја изгубат структурата при пржење. Токму затоа е важно да знаете неколку основни трикови со кои ќофтињата ќе останат цврсти, сочни и вкусни.
Најважно е смесата да биде добро поврзана, но не премногу сува или премногу тенка. Наместо да се потпирате само на јајца и лебни трошки, подобри резултати се добиваат кога лебот или трошките од леб се добро омекнати во млеко и се додаваат во месото како мека смеса. Ова им помага на ќофтињата да бидат сочни и стабилни.
Еден од најважните и често занемарени чекори е да ја оставите подготвената смеса во фрижидер околу 20 до 30 минути пред да ја обликувате. На овој начин, состојките се подобро поврзани, масата станува поцврста и полесно е да се формираат ќофтиња кои нема да се распаднат.
При формирање на ќофтињата, се препорачува да бидат приближно со иста големина за да се испржат рамномерно. Добро е малку да ги навлажните рацете со вода или масло за да не се залепи смесата.
Ќофтињата не треба да се ставаат во прегреано масло бидејќи брзо ќе се зацврстат однадвор, а одвнатре ќе останат сирови. Најдобро е да се пржат на средна температура, со повремено превртување за да добијат златно-кафеава боја од сите страни.
Ако сакате дополнителна сигурност дека нема да се распаднат, можете лесно да ги извалкате во брашно пред пржење, што ќе помогне да се создаде заштитен слој.