Доколку барате колачиња без печење, обавезно пробајте го овој десерт со обланда, чокобанана, мелени бисквити и ореви. Обично се подготвува пред новогодишните празници, но бидејќи е едноставен, можете да го направите за секоја пригода.
Потребни состојки:
- 250 мл вода
- 100 гр шеќер
- 100 гр путер или маргарин
- 200 гр мелени бисквити
- 200 гр мелени ореви
- 100 гр млечно чоколадо
- 8 чокобанани
- 2 листа обланда
Подготовка:
Во тенџере додадете ги парчињата путер или маргарин, шеќерот, чоколадото и водата. Гответе на тивок оган додека состојките не се стопат. Во друг сад измешајте ги мелените бисквити и мелените ореви. Измешајте ја растопената смеса со бисквитите и оревите и оставете да се излади.
Поставете влажна крпа помеѓу секоја обланда. Оставете ги околу 45 минути да омекнат. Потоа, распоредете половина од смесата на еден лист обланда и наредете четири чокобанани на едниот крај и замотајте.
Завиткајте го ролатот во алуминиумска фолија и повторете го процесот на подготовка со преостанатите состојки. Ставете ги во фрижидер да се стегнат барем неколку часа, но по можност преку ноќ. Отстранете ја алуминиумската фолија и исечете го ролатот на тркалца.