Како што деновите стануваат пократки, а времето постудено, многу луѓе бараат топли и миризливи десерти. Еден од нив се ролничките со цимет - нежни, миризливи и совршени со шолја топол напиток.
Најважната работа во овој рецепт е подготовката на тестото. Затоа, само треба внимателно да го додадете брашното.
Потребни состојки:
за тестото:
- 700 гр брашно
- 100 гр шеќер + 2 лажици
- 130 мл вода
- 1 лажичка сол
- 10 гр квасец
- 450 мл топло млеко
- 2 јајца
- 50 гр путер
за филот:
- цимет
- неколку лажици млеко
- шеќер
за глазурата:
- млеко
- 120 гр шеќер во прав
Подготовка:
Прво загрејте ја водата и додадете две лажици шеќер и квасец. Измешајте и оставете го да нарасне. Замесете го тестото од преостанатите состојки, но постепено додавајте го брашното за да остане меко. Потоа покријте го тестото и оставете го да се дуплира.
Кога тестото доволно ќе нарасне, поделете го на два еднакви дела. Развлечете едно парче тесто и премачкајте го со малку млеко и наросете го со саканата количина шеќер и цимет. Повторете го процесот со другото парче тесто.
Од двете парчиња тесто расукајте во ролат и исечете ги на еднакви делови со конец. Наредете ги ролничките во тава за печење, но наредете ги така што нема да се допираат. Оставете ги повторно да нараснат и печете ги во рерна на температура помеѓу 180 и 200 степени додека не добијат златно-кафена боја.
Кога ќе бидат готови, изладете ги кратко и премачкајте ги со глазура од шеќер во прав и млеко. Глазурата треба да биде густа, затоа постепено додавајте го млекото.