Ако на толку летувања во соседна Грција никогаш не сте го пробале овој специјалитет, еве ви сега шанса сами да го направите.
Станува збор за популарно предјадење направено со фета сирење, домати и маслиново масло кое се служи топло со леб.
Ако сакате медитерански вкусови и едноставни јадења полни со ароми, грчкото бујурди (μπουγιουρντί) е рецепт што мора да го пробате.
Овој традиционален специјалитет се подготвува со фета сирење, зрели домати, лук и маслиново масло, а печењето ги претвора сите состојки во неодоливо кремасто предјадење. Потекното му е не многу далеку, од Солун.
Најдобро е кога се служи топло, со пита леб или крцкав домашен леб со кој можете да го почувствувате секој залак од миризливиот сос.
Важен совет: Маслиновото масло е една од клучните состојки, па затоа се исплати да се користи висококвалитетно екстра девствено масло кое ќе му даде на јадењето автентичен медитерански вкус. Доколку користите сончогледово масло ќе го упропастите јадењето, подобро воопшто не правете го.
Потребни состојки:
- 3 големи зрели домати
- 1 чешне лук
- 200 гр фета сирење на парчиња
- 1 голема пиперка
- 1 лута пиперка (по желба)
- 1 лажичка оригано (свежо или сушено)
- 4 лажици маслиново масло
- прстофат морска сол
Подготовка:
Исечете еден домат на две средни парчиња, кои ќе ги зачувате за подоцна. Отстранете ги семките од преостанатите домати и изрендајте го меснатиот дел. Подгответе ги преостанатите домати на ист начин.
Додадете ситно исечкан или толчен лук во ренданиот домат и лесно посолете. Истурете ја смесата во мал сад за печење.
Среде доматите ставете цело парче фета сирење. Наредете ги зачуваните парчиња домати, прстените пиперки и лута пиперка врз сирењето и наросете со оригано.
Рамномерно прелијте маслиново масло врз сите состојки за да добијат богат и полн вкус за време на печењето.
Покријте го садот и печете во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. Потоа отстранете го капакот или фолијата и продолжете со печење уште 15 минути, додека фетата не омекне, а доматите и зачините не ги испуштат своите сокови.
Сервирајте го бујурдито веднаш по печењето, со топол пита леб или парчиња крцкав леб.