Лангош е еден од најпознатите унгарски специјалитети. Златно пржено тесто, крцкаво однадвор и меко одвнатре, кое најчесто се служи со лук, павлака и кашкавал.
Доколку сакате да подготвите класична верзија на ова популарно јадење, следете го едноставниот рецепт подолу.
Лангош е унгарска верзија на нашите мекици.
Потребни состојки:
- 500 гр брашно
- 25 гр свеж квасец или 7 гр сув квасец
- 1 лажичка шеќер
- 1 лажичка сол
- 300 мл млака вода
- 100 мл млеко
- 1 лажица масло
- масло за пржење
Подготовка:
Додадете шеќер и квасец во млакото млеко и оставете ги 10 минути да се активираат. Во поголем сад, измешајте го брашното и солта, потоа додадете вода, масло и подготвениот квасец.
Замесете го тестото и покријте го со кујнска крпа. Оставете го да нарасне на топло место, околу еден час, или додека не се дуплира во волумен.
Префрлете го тестото на набрашнета работна површина и поделете го на 8 до 10 еднакви делови. Развлечете го секое парче во тенок круг со рацете, оставајќи ги рабовите малку подебели.
Загрејте доволно масло во длабоко тавче. Пржете ги едно по едно по неколку минути од секоја страна, додека не добијат златнокафена боја. Извадете ги на хартиена крпа за да се отстрани вишокот маснотии.
Сервирајте ги веднаш со павлака, рендан кашкавал и лук, а можете да додадете и сушено месо, кулен или суџук.