Направете едноставен колач користејќи основни состојки што секогаш ги имате во кујната.
Ролатот со џем е еден од оние колачи што будат спомени од детството, а оваа конкретна верзија е посебно впечатлива бидејќи сите состојки се мерат со иста бројка. Како што сугерира и самото име, рецептот бара 6 јајца, 6 лажици шеќер и 6 лажици брашно, додека за филот се користи истата количина џем.
Рецептот го најдовме на профилот на Instagram на хрватската блогерка за храна Марија Мазалин, која го опишува како едноставен колач од основни состојки, погоден за подготовка дома.
Штои се однесува до видот на џемот, најпогоден е од мешано овошје.
Потребни состојки:
- 6 јајца
- 6 лажици шеќер
- 6 рамни лажици брашно
- 1 кесе прашок за печиво
- 6 полни лажици овошен џем (300 гр)
- шеќер во прав
Подготовка:
Најпрво загрејте ја рерната на 180°C. Одвојте ги белките и жолчките во два големи сада, внимавајќи да не навлезе жолчка во белките. Изматете ги белките со миксер додека не добиете цврст снег.
Изматете ги жолчките со шеќерот, а потоа додадете ги брашното и прашокот за печиво и мешајте додека не добиете кремаста смеса. На почетокот смесата ќе изгледа како прав, но тоа е нормално.
Со миксер измешајте една третина од изматените белки во смесата со жолчки, а потоа внимателно додадете го и измешајте го остатокот со помош на шпатула или дрвена лажица. Истурете ја смесата во тава за печење обложена со хартија за печење и рамномерно распоредете ја.
Печете 20 до 25 минути на 180°C, или додека пандишпанот не добие златно-кафеава боја. Навлажнете чиста кујнска крпа и добро исцедете ја; превртете го пандишпанот врз неа и веднаш свиткајте го во ролат заедно со крпата.
Оставете го да се лади во крпата околу половина час. Потоа, одвиткајте го, премачкајте го со џем и повторно свиткајте го во ролат. Не ставајте премногу џем бидејќи ќе истече при сечењето.
По желба, посипете го ролатот со шеќер во прав.