Рецептот за романска чорба со ќофтиња е лесен за подготовка, а нема да се воздржите да им ја послужите ниту на вашите гости.
Оваа романска чорба (ciorbă de perișoare/чорба де перишоаре) е одличен избор кога сакате топло, вкусно и заситувачко јадење кое може да послужи како комплетен оброк. Се подготвува со зеленчук, домашно кисело тесто и мали ќофтиња, а конечниот вкус го надополнуваат сок од лимон, свеж селен и павлака. Ферментираното кисело тетсо ѝ дава на чорбата посебна арома, што ѝ дава карактеристична блага киселост. Ако сакате традиционални чорби со многу вкус, овој рецепт вреди да се зачува.
Потребни состојки:
(за 4 порции)
за киселото тесто:
- 25 гр 'ржано брашно
- 200 мл млака вода
- 50 гр интегрално 'ржано брашно
- 2 мали чешниња лук
- 2 листа ловор
- 3 зрна црвен пипер
- ½ лажичка зрна бибер
- 2 гранчиња свеж селен
за ќофтињата:
- 150 гр мелено месо (микс од говедско и свинско)
- ¼ главица кромид
- 1 јајце
- 1 лажица лебни трошки
- 1 лажица бел ориз
- сол
- мелен бибер
- сечкан селен
за чорбата:
- 1 главица кромид
- 2 моркова
- 2 стебленца целер
- 1 корен од магдонос
- ½ мал корен од целер
- 2 лажици маслиново масло
- 1 лажица доматно пире
- 1 л говедска супа или булјон
- 100 мл кисело тесто
- сок од лимон
- сол
- мелен бибер
- свеж магдонос
- 12% павлака за сервирање
Подготовка
Во стаклена тегла или поголем сад, измешајте го 'ржаното брашно и млаката вода. Додадете го интегралното 'ржано брашно, згмечениот лук, ловоровиот лист, црвениот пипер, зрната бибер и гранчињата селен. Добро измешајте, покријте со чиста крпа и оставете на топло место околу три дена да ферментира.
Во сад измешајте го меленото месо, ситно исечканиот кромид, јајцето, презлата и оризот. Зачинете со сол, бибер и сечкан селен по вкус. Добро измешајте сè, но не месете ја смесата предолго. Формирајте мали ќофтиња со дијаметар од околу 2–2,5 см.
Ситно исечкајте го кромидот, а морковот, стебленцата од целер, коренот од магдонос и коренот од целер исчистете ги и ситно исечкајте ги. Загрејте го маслиновото масло во голем сад. Додадете го кромидот и пржете додека не стане проѕирен и лесно зарумен. Додадете ги морковот, целерот, коренот од магдонос и коренот од целер и пржете ги заедно неколку минути, додека зеленчукот малку не омекне.
Додадете го доматното пире и добро измешајте. Истурете го говедскиот бујон или супа и оставете да зоврие. Внимателно додадете ги ќофтињата, повторно оставете да зоврие, потоа намалете ја температурата и варете на тивок оган околу 30 минути. Кога зеленчукот и ќофтињата ќе се сварат, додадете 100 мл од подготвеното кисело тесто. Кратко загрејте ја чорбата, но не дозволувајте премногу да зоврие.
Тргнете ја чорбата од шпоретот, додадете сок од лимон, сол и мелен бибер по вкус. Истурете во длабоки чинии, наросете со свеж селен и додадете една лажица павлака. Сервирајте додека чорбата е топла.
Бонус трик
Ако сакате вашата романска чорба да биде уште покремаста и со побогат вкус, не ја додавајте павлаката директно во топлата чорба. Прво, разредете ја со неколку лажици топла чорба, добро промешајте, а потоа додадете ја во чинијата. Ова ќе спречи павлаката да се згрутчи, а супата ќе има поубава, посвиленкаста текстура.