За многу парови, изборот на контрацепција сè уште претставува бројни компликации, но научниците работат на алтернатива што може да биде многу попривлечна за некои - нехормоналната машка контрацептивна пилула.
Лекот со кодно име YCT-529 го развива YourChoice Therapeutics во соработка со научници од Универзитетот во Минесота и други партнери. Во резултатите од првото човечко испитување, објавени оваа недела, YCT-529 се покажа како безбеден и добро толериран. Моментално се тестира во поголеми клинички испитувања.
Го блокира протеинот важен за плодноста
YCT-529 (порано познат како GPHR-529) делува така што влијае на начинот на кој телото го користи витаминот А, кој игра клучна улога во одржувањето на плодноста кај цицачите. Лекот го блокира протеинот што се врзува за форма на витамин А позната како ретиноична киселина, таргетирајќи го рецепторот алфа на ретиноична киселина (RAR).
Целта е селективно да се блокира само овој рецептор, а не поврзаните протеини, за да се запре производството на сперма - без сериозни несакани ефекти. Процесот треба да биде реверзибилен: по прекинувањето на лекот, плодноста треба да се врати.
Фаза I помина без несакани ефекти
Првото клиничко испитување на YCT-529 започна кон крајот на 2023 година, а наодите беа објавени оваа недела во списанието Communications Medicine. Во испитувањето учествуваа 16 здрави мажи кои примиле или плацебо или различни дози на YCT-529, при што дел од лекот се земал со храна.
Бидејќи примарната цел на првата фаза од испитувањето е да се утврди безбедноста, резултатите се многу охрабрувачки: во споредба со контролната група, мажите кои земале YCT-529 не доживеале промени во срцевиот ритам, сексуалниот нагон, расположението или нивоата на хормони поврзани со плодноста.
Исто така, не се документирани несакани ефекти поврзани со лекот.
Забележано е само дека храната може да ја забави апсорпцијата на лекот, но ќе бидат потребни понатамошни истражувања за да се донесе дефинитивен заклучок.
„Резултатите го оправдуваат континуираниот клинички развој на YCT-529“, заклучија авторите на студијата.
Иако е многу рано во фазата на тестирање, податоците ветуваат. YourChoice Therapeutics веќе започна поголемо испитување од фаза 2, а глобалната трка за првата реверзибилна машка контрацепција се загрева.
Прашањето за тоа колку мажите би биле подготвени да користат машка контрацептивна пилула последните години станува сѐ погласно како што клиничките истражувања забрзано се движат кон производство и ставање на ваков препарат на пазарот. Анкетите и испитувањата спроведени низ различни држави и популации покажуваат дека бројот на мажи кои активно би ја користеле машката антибеби пилула се движи од околу една третина, па сé до речиси 80 или дури и 90 проценти, во зависност од социјалниот, културен и економски контекст во кој се поставува прашањето.
На пример, едно големо интернационално истражување со 19,000 испитаници од осум земји (САД, Индија, Нигерија, Кенија, Виетнам и други), финансирано од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, покажа дека од 78% до 98% од мажите би биле спремни да користат ваква пилула, со висок интерес независно од брачниот статус или етничката припадност.
Во помали фокусирани анкети, како оние спроведени во САД и Канада, околу 75% од мажите се изјасниле дека би користеле нова машка контрацепција, а склоноста е особено застапена кај помладата популација и кај мажи кои имаат поизразени вредности по прашање на родовата еднакви.
Една од интересните варијации е забележана и во Европа, каде околу третина од сексуално активните мажи во Обединетото Кралство истакнуваат дека би ја пробале машката антибеби пилула кога таа би станала достапна.
Според деталните резултати од повеќе анкети, желбата за користење машка антибеби пилула се зголемува доколку истата се покаже како безбедна, со минимални или реверзибилни несакани ефекти, и со ефективност над 95%. Главните причини поради кои одреден дел од мажите би се воздржале вклучуваат страв од долгорочни или краткорочни несакани дејства, потенцијално намалување на плодноста, или недоверба дека мажите ќе бидат дисциплинирани во секојдневното земање таблети. Клучен услов за дел од испитаниците е и факторот на цена и пристапност, бидејќи финансискиот аспект значајно влијае на позитивното однесување кон сите модерни контрацептиви, особено во средини со понизок стандард. Дополнително, некои испитувања покажуваат дека позитивен став за пилулата не значи секогаш самодоверба во нејзино правилно користење или во спроведување на дисциплинирано земање, што се гледа и по различниот степен на доверба кај женските партнери, кои во дел од студиите изразуваат поголема скепса дека мажите би биле истрајни како жените.
Во истражувањата кои ги разгледуваат и психолошките и социјалните аспекти, како пресудни за позитивен став се издвојуваат и личното искуство со неуспешна контрацепција (на пример абортус во врска, кој влијае врз подготвеноста на мажот да преземе поголема одговорност), како и општото ниво на поддршка на родовата рамноправност. Главните забелешки на скептиците се сведуваат на загриженост за потенцијалниот ефект врз сексуалната функција, либидото и долгорочниот репродуктивен капацитет, но кај новите генерации анкетираните бараат наука базирана на факти, висок биланс помеѓу ефикасност и безбедност, и опција за ревeрзибилност на ефектот по прекин на користење. Постои и јасна разлика меѓу оние во стабилни партнeрства и оние во повремени, при што мажите во долготрајни врски се поотворени за оваа форма на заштита.
Иако ставовите низ вековите се менуваат и секој нов производ ќе биде прифатен според тоа како успешно ќе ги адресира загриженостите за несакани ефекти и довербата во улогата на мажот во семејното планирање, несомнено е дека огромен дел од мажите низ светот изразуваат барем условна подготвеност да преземат поголема улога преку употреба на контрацептивна пилула, а заинтересираноста расте паралелно со напредокот на клиничките испитувања.