Иако кафето без кофеин можеби не го обезбедува истото чувство на расонување, тоа може да понуди придобивка за мозокот што ја нема кај кафето со кофеин. Во еден помал експеримент, невронаучниците открија дека учесниците кои пиеле кафе без кофеин постигнале значително подобри резултати на два теста за меморија.
Такво подобрување не беше забележано кај оние што пиеле кафе со кофеин. Резултатите, објавени во списанието Nature Communications, сугерираат дека нешто друго, освен кофеинот, влијае врз мозокот при консумирањето кафе. Можно е важна улога да играат микроорганизмите што живеат во нашите црева.
Во експериментот учествуваа 31 лице што редовно пијат кафе; од нив беше побарано да престанат да ги консумираат вообичаените три до пет шолји дневно во текот на две недели. По овој период, во примероците од столицата беа забележани значителни промени во составот на цревниот микробиом. Потоа, учесниците беа поделени во две групи. Едната половина добиваше кафе без кофеин, а другата кафе со кофеин, без да знаат кој вид го пијат.
Повторното воведување на четири шолји инстант-кафе дневно во текот на три недели предизвика брзи промени во микробиомот, без оглед на тоа дали кафето содржело кофеин. По враќањето кон консумирањето кафе, учесниците исто така пријавија пониски нивоа на стрес, депресија и импулсивност – дури и кога пиеле кафе без кофеин. Сепак, само повторното воведување на кафе со кофеин беше поврзано со намалена анксиозност и психолошка вознемиреност, како и со подобрено внимание и будност. Ова укажува на тоа дека кофеинот има специфични ефекти врз когнитивните способности и расположението – наоди што се поткрепени и со други истражувања.
Истражувачите беа најмногу изненадени од ефектот на кафето без кофеин. Само учесниците што го консумирале ова кафе постигнале значително подобри резултати на два теста за меморија. Во овие тестови, од нив се барало да научат и да се сетат на одреден број зборови и локации. Групата што пиела кафе без кофеин ги подобрила своите резултати и направила помалку грешки, додека групата што пиела кафе со кофеин не покажала статистички значајно подобрување.
Невронаучниците сè почесто ја разгледуваат можноста дека кафето – дури и она без кофеин – може да ја стимулира активноста на одредени цревни микроорганизми и да ја измени нивната комуникација со мозокот. Иако кафето не содржи пробиотици, тоа е богато со полифеноли – растителни соединенија што служат како храна за микроорганизмите во човечките црева. Една од можностите е овие соединенија да поттикнуваат низа промени во организмот кои водат кон подобрување на когнитивните способности.
„Кафето е многу повеќе од само кофеин. Тоа е сложен прехранбен фактор што влијае на микроорганизмите во нашите црева, на метаболизмот, па дури и на нашата емоционална состојба“, објасни невробиологот Џон Крајан од Универзитетскиот колеџ во Корк, Ирска.
Неговата лабораторија ја истражува комуникацијата помеѓу цревата, микробиомот и мозокот. Уште во 2013 година, Крајан го воведе терминот „психобиотици“ за да опише како пробиотиците можат да влијаат врз цревниот микробиом и потенцијално да го подобрат менталното здравје.
„Најголемото изненадување беше тоа што, кога повторно го воведовме кафето, забележавме навистина интересни ефекти дури и при консумирање кафе без кофеин. Значи, не се работи само за кофеинот“, додаде Крајан.
Тој призна дека студијата е од мал обем и покренува многу прашања. Смета дека кафето би можело да се користи како додаток на здрава и урамнотежена исхрана за да помогне во балансирањето на дигестивниот систем. Се чини дека ефектот на кофеинот е само еден дел од многу поширока приказна.