На љубителите на кафе често им се советува да бидат претпазливи поради влијанието на овој пијалак врз спиењето и крвниот притисок, но новите истражувања сугерираат дека неколку шолји дневно би можело да донесат и здравствени придобивки.
Додека рецептите за ладно цедено кафе вирално циркулираат на социјалните медиуми, најновата научна студија ја поврзува редовната консумација на овој пијалак со намален ризик од развој на заболувања на црниот дроб, пишува Food Bible.
Тезата дека кафето го штити црниот дроб не е нова и е еден од најдоследните заклучоци во децениските истражувања на оваа тема. Бројни студии покажаа дека луѓето кои пијат кафе имаат помал ризик од рак на црниот дроб, цироза и неалкохолна масна болест на црниот дроб во споредба со оние кои не го консумираат.
Студија објавена на почетокот на јули во списанието Clinical Gastroenterology and Hepatology дополнително ги потврдува овие наоди. Научниците од Универзитетот Cedars-Sinai следеле околу 355.000 возрасни лица без претходни проблеми со црниот дроб во текот на 13 години.
Резултатите покажаа дека пиењето пет или повеќе шолји кафе дневно е поврзано со 47 проценти помал ризик од рак на црниот дроб и 32 проценти помал ризик од цироза. Учесниците кои пиеле кафе, исто така, имале 42 проценти помал ризик од смрт од заболување на црниот дроб за време на студијата.
Овие ефекти биле исти и за обичното и за кафето без кофеин, без оглед на тоа дали учесниците додале шеќер или вештачки засладувачи.
Кафето филтрирано низ хартија генерално се смета за најдобар метод на приготвување кафе за здравјето на црниот дроб. Филтерот ги задржува дитерпените како кахвеол и кафестол, кои може да го зголемат нивото на холестерол, а воедно им овозможува на антиоксидансите и хлорогените киселини кои го штитат црниот дроб да поминат понатаму во вашата шолја кафе.
Поголемиот внес на кафе е поврзан и со пониски нивоа на масти и железо во црниот дроб и намалено воспаление на ткивата. Научниците се сметаат дека едно од хемиските соединенија во кафето помага во намалување на воспалението. Кафето содржи и хлорогена киселина, за која се смета дека го подобрува одговорот на црниот дроб на инсулин.
Сепак, авторите на студијата нагласуваат дека се потребни повеќе истражувања. Тие забележуваат дека „проспективни студии од голем обем кои вклучуваат биомаркери за снимање, протеомика и модели на внесување остануваат ограничени“. Тие исто така додаваат дека влијанието на видот на кафе, додатоците во исхраната и метаболичките модификатори е сè уште „нејасно“.