Ако внимателно ги следите ни воата на шеќер во крвта, можеби се прашувате дали треба да го ограничите внесот на овошје поради природните шеќери што ги содржи. Одговорот, генерално, е не.
Благодарение на влакната, антиоксидансите и растителните соединенија, одредени видови овошје лесно може да се вклопат во урамнотежена исхрана, пренесува Eating Well. Ендокринолозите особено ги издвојуваат овие четири видови овошје како одличен избор за луѓето што го следат нивото на шеќер во крвта.
Бобинки
Бобинките (зрнесто овошје) често содржат помалку шеќер од другите видови овошје и се богати со влакна и полифеноли.
„Најдобриот избор за контрола на гликозата во крвта е овошјето со низок гликемиски индекс, кое е богато со влакна и полифеноли, како што се бобинките“, вели д-р Пасквал Де Сантис.
Една студија спроведена кај возрасни лица со преддијабетес покажа дека секојдневното консумирање одредена количина јагоди е поврзано со подобрување на нивото на гликоза на гладно, нивото на HbA1c и инсулинската резистенција. Сепак, бидејќи станува збор за ограничена студија, резултатите не мора нужно да важат за сите видови и количини на бобичесто овошје.
Д-р Анастасиос Манесис препорачува бобинките да се комбинираат со протеини или здрави масти. На пример, може да се јадат со грчки јогурт, јаткасти плодови или семиња.
Јаболка
Јаболката се уште еден добар избор, особено кога се јадат со лушпата.
„Лушпата од јаболкото содржи значително количество влакна, кои можат да го забават варењето и апсорпцијата на шеќерот“, објаснува д-р Ари Екман. Јаболката исто така имаат низок гликемиски индекс, што значи дека нивото на шеќер во крвта расте постепено по нивното консумирање.
Една мала студија покажа дека луѓето со нарушена толеранција на гликоза имале пониско ниво на шеќер во крвта по оброкот кога јаделе јаболко пред бел ориз, наместо по него. Екман додава дека комбинирањето на јаболко со путер од кикирики може дополнително да ја забави апсорпцијата на шеќерот.
Круши
Крушите се богати со влакна; една круша со средна големина содржи околу 5 до 7 грама. Голем дел од влакната се наоѓаат во лушпата, па затоа е најдобро крушата да не се лупи. Влакната го забавуваат варењето и може да помогнат во ублажувањето на наглите скокови на шеќерот во крвта по оброкот. Крушите исто така содржат полифеноли и имаат висока содржина на вода, што може да придонесе за чувство на ситост.
Портокали
Д-р Де Сантис исто така препорачува цитрусни овошја, како што се портокалите. Тие содржат полифеноли – растителни соединенија кои можат да имаат корисен ефект врз регулирањето на нивото на шеќер во крвта. Истражувањата за флаваноните од цитрусните овошја досега покажаа ветувачки резултати, иако се потребни повеќе студии врз луѓе. Кога станува збор за контрола на шеќерот во крвта, подобро е да изберете цел портокал наместо сок, бидејќи целото овошје содржи влакна.
Добра идеја е да го комбинирате овошјето со протеини или здрави масти – на пример, бобинките со грчки јогурт и ореви, или јаболкото со путер од кикиритки. Ваквите комбинации може да го забават апсорбирањето на шеќерот и да ви овозможат подолго чувство на ситост.
Секогаш кога е можно, најдобро е да ги јадете јаболката, крушите, праските и нектарините со лушпата, бидејќи таму се наоѓа голем дел од влакната. Важна е и големината на порцијата, бидејќи дури и овошјето со помалку шеќер содржи јаглехидрати. Нема потреба да го избегнувате ниту замрзнатото овошје; доколку не содржи додаден шеќер или сируп, тоа може да биде нутритивно многу слично на свежото овошје.
Бобинките, јаболката, крушите и портокалите може да бидат корисен дел од исхраната за оние што го следат нивото на шеќер во крвта, првенствено поради содржината на влакна и корисните растителни соединенија. Сепак, самото овошје не е решение за управување со нивото на шеќер во крвта, а лицата со дијабетес или преддијабетес треба да ја прилагодат исхраната според своите специфични потреби.