Сезоната на грип доаѓа со првите студени денови, а експертите советуваат дека најдобрата заштита е навремената вакцинација.
Медицинските референтни страници го опишуваат грипот како: „грип, или инфлуенца, е инфекција на носот, грлото и белите дробови предизвикана од вирус“. Респираторните вируси се разликуваат од оние што предизвикуваат т.н. стомачен грип - повраќање и дијареја.
Повеќето луѓе се опоравуваат од грипот сами, но може да биде смртоносен за луѓе со ослабен имунолошки систем.
Постојат два главни начини за спречување на грип:
Одржување на хигиена - дезинфекција на работни површини, миење раце, носење заштитни маски и редовно проветрување на затворените простори за време на сезоната на грип.
Вакцинацијата - иако не е 100% ефикасна, претставува најдобра заштита, особено за ризичните групи, бидејќи значително ги намалува шансите за тешки компликации.
Истражувањата покажуваат дека срцевите удари се пет пати почести кај луѓе со акутни респираторни инфекции, а ризикот од срцев удар е три пати поголем. Вакцинацијата го намалува овој ризик за 50 проценти.
Слично е и со другите хронични заболувања: кај дијабетичарите, вакцинацијата ги намалува шансите за хоспитализација за речиси 80%, додека ризикот од смрт кај хронични пациенти е намален за 28%.
Грипот е присутен на северната хемисфера од октомври до мај, со врв во зимските месеци. Периодот на инкубација на вирусот варира, а симптомите може да бидат благи или отсутни кај повеќето луѓе. Сепак, луѓето со ослабен имунолошки систем (хронично болни, бремени жени, мали деца, постари лица итн.) може да доживеат симптоми како што се:
- болно грло
- течење на носот
- треска
- кашлица
- главоболка
- мускулна болка
- чувство на слабост низ целото тело.
Светската здравствена организација препорачува имунизацијата да се организира на национално ниво секоја сезона, со вакцина што содржи соеви регистрирани кај локалното население.
Оптималниот период за вакцинација е октомври и ноември, бидејќи врвот на циркулацијата на вирусот е во декември и јануари. Имунитетот се стекнува 2-3 недели по вакцинацијата и обично трае во текот на целата сезона. Не е штетно или недозволено да се прими вакцина и подоцна во текот на сезоната, но тогаш се зголемува можноста човекот да заболи пред да биде заштитен.
Од Министерството за здравство соопштија дека годинава имунизацијата против грип ќе почне во втората половина на октомври, а за тоа се порачани 80.000 вакцини од Холандија.
Како и сите други лекови и биолошки препарати може да даде несакани реакции по вакцинација. Тоа се најчесто благи, локални реакции - болна осетливост, црвенило и оток на местото на убодот. Во ретки случаи може дададе и системски реакции во смисла на покачена телесна температура, треска, главоболка, мускулни болки, малаксаност или гадење, но и овие симптоми траат кратко и се губат во рок од 24-48 часа. Исклучително ретко може да дојде до појава на тешки, живото-загрозувачки несакани реакции од типот на алергиски реакции, како што е на пр. анафилактичен шок.
Треба да се знае дека вакцината против грип е мртва која не содржи цели вируси, туку само нивни делови - вирусни партикли, поради што не постои опасност вакцинираното лице да заболи од грип, ниту вакциналниот вирус да го пренесе на друго лице.
Постои и жива вакцина против грип, која се вшприцува во носот во вид на спреј, но нема широка примена. За разлика од претходната, живата вирусна вакцина се дава кај здрави лица, не постари од 50 години и не се дава на деца до 2-годишна возраст, ниту на бремени жени.
Бесплатна вакцинација, на товар на здравственото осигурување, е незадолжителна, а е достапна за бремени жени, лица над 65 години, хронично болни лица, здравствени работници и деца на возраст од 6 месеци до 5 години. Вакцинацијата е достапна во здравствени центри, заводи за јавно здравје и геронтолошки центри.
Со мртвата инактивирана вакцина која се употребува кај нас не смеат да се вакцинираат деца до 6-месечна возраст.
Воопшто, вакцината против грип е контраиндицирана кај лица кои имаат алергија на некоја од состојките на вакцината, или имале тешка, живото-загрозувачка алергиска реакција на претходна доза од вакцината.
Бременоста не е контраиндикација за вакцинација, напротив, се препорачува бремените жени да се вакцинираат и да се заштитат од тешки форми и компликации што може да ги предизвика инфлуенцата.
Вакцината е со докажана имуногеност и добра ефикасност. Ефикасноста на вакцината против грип зависи примарно од возраста и од имунокомпетенцијата на вакцинираното лице, како од степенот на сличност помеѓу вирусите што ги содржи вакцината и оние што тековно циркулираат. Таа дава толку подобра заштита колку што антигенски е послична со вирусниот тип/подтип кој кружи помеѓу населението.
Кај постарата популација (над 60 годишна возраст), се смета дека вакцинацијата го намалува морбидитетот асоциран со грип за 60%, а морталитетот за 70-80%, додека кај здравата возрасна популација намалувањето на морбидитетот изнесува 70-90%.