Многу луѓе се будат наутро со сува уста и веднаш посегнуваат по чаша вода. Иако дехидратацијата може да биде причина, сувата уста по спиење честопати се должи на сосем поинакви причини – од начинот на кој дишеме во текот на ноќта до лековите што ги земаме.
Според Националната здравствена служба (НХС) на Обединетото Кралство, до дехидратација доаѓа кога не внесуваме доволно течности, кога силно се потиме или кога сме болни. Сепак, ова не е ниту единствената, ниту најчестата причина за утринската сувост.
Честа причина е дишењето преку уста додека спиеме, без разлика дали тоа се должи на затнат нос или едноставно на спиење со отворена уста. Ако имате затнат нос, од НХС напоменуваат дека фармацевт може да ви препорача деконгестив.
Сувата уста или болката во грлото при будење може да бидат и симптоми на опструктивна апнеја при спиење. Според Mayo Clinic, показателите за ова нарушување вклучуваат гласно 'рчење, прекини во дишењето за време на спиењето (што обично ги забележува партнерот), будење со чувство на гушење, утрински главоболки и прекумерна поспаност во текот на денот.
Од Mayo Clinic напоменуваат дека 'рчењето не секогаш значи дека лицето има апнеја при спиење.
Сувата уста може да биде несакан ефект од лекови, па затоа НХС советува да го проверите упатството што оди со лекот што го земате. Не прекинувајте со земање на препишаниот лек без совет од вашиот лекар, дури и ако се сомневате дека тој го предизвикува проблемот.
Други причини вклучуваат анксиозност, орална кандидијаза и третман за рак, односно радиотерапија и хемотерапија. Доколку сувоста на устата трае подолго време, таа може да биде поврзана и со дијабетес или со Сјогренов синдром.
НХС препорачува често да пиете мали голтки ладна вода и да чувате чаша вода покрај креветот, да џвакате гума за џвакање или да лижете бонбони без шеќер, како и да ги миете забите двапати дневно и да користите течност за плакнење уста без алкохол, бидејќи сувата уста го зголемува ризикот од расипување на забите.
Треба да избегнувате големи количини алкохол, кофеин и газирани пијалаци, како и кисела, лута, солена и слатка храна. Исто така, се советува да не пушите и да не спиете со протези за заби.
Треба да се обратите кај вашиот лекар ако сувоста на устата ви го отежнува зборувањето или јадењето, или ако устата е сè уште сува и по неколку недели примена на домашни лекови и препарати од аптека.
Преглед е неопходен и доколку устата е болна, црвена, отечена или крвари, ако се појават болни бели наслаги, ако нарушувањето на вкусот не исчезнува и ако покрај сувата уста имате и други симптоми, како што се често мокрење или суви очи.