Градскиот совет на Барселона најави дека ќе изгради специјална „селфи зона“ до Саграда Фамилија за да се намали гужвата пред оваа туристичка атракција.

Така посетителите ќе можат да здивнат и да направат селфи пред да влезат во оваа недовршена католичка црква, дизајнирана од архитектот Антони Гауди.
Потребата за „селфи зона“ се појавила поради огромните гужви пред црквата, каде туристите позираат, па дури и излегуваат на патот за да добијат подобар агол за нивните фотографии.
Повеќе од една деценија локалните жители ги осудуваат толпата посетители кои ги попречуваат пешаците и го запираат сообраќајот во близина на локацијата.
Исто така, многу посетители ги држат своите телефони на ескалаторите на метрото за да се фотографираат себеси додека во позадина се појавува иконската туристичка атракција. Овој тренд доведе до тоа туристите да ги затвораат излезите од станиците.
„Новиот проект помага да се реши област каде што е тешко да се помират туристичките толпи и локалните жители“, се вели во соопштението на Градскиот совет.
Посебната зона ќе биде лоцирана помеѓу фасадата Рождество Христово и плоштадот пред црквата. Изградбата на оваа зона треба да започне по летото и да биде завршена до април 2026 година, за да се совпадне со 100-годишнината од смртта на Гауди.
Проектот вреден 2,7 милиони евра е дел од поширокиот план од 15,5 милиони евра за подобрување на инфраструктурата и управувањето со посетителите на ова свето место.
Саграда Фамилија привлекува 4,7 милиони посетители годишно и е второто најпосетувано место во Шпанија, по палатата Алхамбра во Гранада.