Веројатно не размислувате премногу за температурата на водата кога го миете лицето. Сепак, изборот помеѓу ладна, топла или жешка вода може да влијае на ефикасноста на вашата рутина за нега на кожата и на нејзиното здравје.
Според магазинот Health, иако повременото плакнење со ладна вода може да има одредени придобивки, миењето на лицето со премногу жешка или премногу ладна вода може да доведе до сува и иритирана кожа.
Експертите препорачуваат миење на лицето двапати дневно со млака вода и благо средство за чистење прилагодено на вашиот тип на кожа.
Кога станува збор за миење на лицето, целта не е само да се исчисти кожата, туку и да се заштити нејзината природна бариера. Затоа дерматолозите препорачуваат да внимавате на температурата на водата, а не само на производите што ги користите.
Американската академија за дерматологија (AAD) препорачува користење млака вода наместо жешка или ладна вода при миењето на лицето. Тие исто така советуваат лицето да се мие со млака вода и потоа нежно да се тапка со крпа за да се исуши.
Иако разни домашни лекови или онлајн извори може да ја промовираат употребата на многу жешка или ладна вода за подобрување на здравјето на кожата, овие екстремни температури може да направат повеќе штета отколку корист, особено ако имате чувствителна кожа или кожа склона кон акни.
Миењето на лицето со млака вода е најдобро за вашата рутина за нега на кожата, но има и потенцијални придобивки од повремената употреба на ладна вода.
Ладната вода може да го зголеми протокот на крв кон лицето, со што се подобрува заштитата на кожата од слободните радикали – штетни соединенија кои настануваат како последица на изложеноста на УВ-зрачење и загадување. Ладната вода исто така може да ја затегне кожата и да ѝ даде поздрав сјај.
Покрај тоа, ладната вода може да го намали отокот и воспалението, вклучително и воспалението поврзано со акните. Има ограничени докази кои сугерираат дека ладната вода може да го намали лачењето на маснотии на лицето, што може да биде корисно за луѓето со акни. Доколку одлучите да користите ладна вода, повеќето експерти препорачуваат тоа да го правите откако ќе завршите со чистењето на лицето.
Практично нема никакви придобивки од користењето на топла вода (над 42 степени Целзиусови) за миење на лицето или телото, освен ако едноставно не ја претпочитате таквата температура.
Сепак, краткотрајната терапија со топлина може да биде корисна за третирање на одредени состојби на кожата, како што е атопискиот дерматитис (чест вид на егзема). Во една студија, оваа терапија се користела за ублажување на чешањето.
Истражувачите користеле уред за нанесување топлина (49 степени Целзиусови) во траење од пет секунди на пределот зафатен со чешање. Ова краткотрајно изложување на топлина значително го намалило чешањето и обезбедило долготрајно олеснување. Сепак, ефикасноста варирала од личност до личност, па затоа третманот можеби нема да делува кај секого. Потребни се и дополнителни истражувања.
Миењето на лицето со ладна вода не е нужно лошо; всушност, тоа може да понуди неколку придобивки. Сепак, доколку целта ви е темелно чистење, млаката вода обично е подобар избор.
Ладната вода не ги раствора маснотиите и нечистотијата толку ефикасно, што значи дека средството за чистење можеби нема да делува оптимално. Тоа значи дека може да останат траги од шминката, кремот за сончање, вишок маснотии и други остатоци што може да ги затнат порите. Ако имате чувствителна кожа, ладната вода може да предизвика и иритација или да го отежне целосното исплакнување на производите за нега на кожата.
Во една студија, истражувачите побарале од учесниците да ги потопат рацете во вода со температура од 4°C во траење од 10 минути – услови слични на долготрајно изложување на вода со температура блиска до точката на замрзнување. Тие откриле дека ладната вода може да ја оштети бариерата на кожата и да предизвика сувост, иако не во иста мера како топлата вода.
Миењето на лицето со топла вода може да биде исто толку иритирачко за кожата – ако не и повеќе – како и миењето со ладна вода. Истражувањата покажуваат дека изложеноста на високи температури може да доведе до сувост, таложење на маснотии, оштетување на кожата и појава на брчки.
Една студија покажа дека топлата вода може да предизвика собирање на клетките на кожата што ги обложуваат порите, со што се отежнува отстранувањето на себумот (маснотијата) и потенцијално се доведува до затнување на порите. Топлата вода исто така може да ја оштети бариерата на кожата и да ја направи кожата поподложна на појава на акни.
Начинот на кој го миете лицето и температурата на водата што ја избирате се важни делови од здравата рутина за нега на кожата.
Грубите методи на чистење можат да ја оштетат кожата или да предизвикаат појава на акни и иритација, а сепак 60 проценти од луѓето сметаат дека не се доволно информирани за правилните методи на чистење на кожата.
Еве ги чекорите што треба да ги следите при миењето на лицето:
- Пред да започнете, измијте ги рацете со сапун и вода;
- Исплакнете го лицето со млака вода;
- Нанесете мала количина средство за чистење наменето за вашиот тип на кожа;
- Нежно втријте го средството во кожата со врвовите на прстите;
- Фокусирајте се на деловите каде што се акумулира маснотија, како што е Т-зоната (пределот на носот и челото), и внимавајте на пределот околу очите;
- Избегнувајте употреба на крпа за миење, мрежест сунѓер или кој било друг предмет за втривање на средството, бидејќи тие може да предизвикаат иритација на кожата;
- Избегнувајте триење на кожата, дури и ако чувствувате дека е валкана или имате акни;
- Темелно исплакнете го лицето со млака вода додека целосно не го отстраните средството за чистење;
- Исушете ја кожата со тапкање со чиста крпа, оставајќи ја малку влажна;
- Нанесете серум и хидратантен крем додека лицето е сè уште влажно за да ја задржите влажноста;
- Ограничете го миењето на лицето на двапати дневно; можеби ќе треба да го миете почесто ако се потите, на пример, по вежбање.