Компирите можат да траат со недели, но неправилното складирање го забрзува нивното расипување. Зелените, никнати или омекнати компири можат да претставуваат ризик по здравјето и треба веднаш да се фрлат.
Според Simply Recipes, компирите се една од најчесто користените намирници во домаќинствата, но нивниот рок на траење зависи од видот и методот на складирање. Младите и зрелите компири најчесто се наоѓаат на продажба, но секој има различен рок на траење.
Младите компири се берат порано, обично кон крајот на пролетта или почетокот на летото, и веднаш се пласираат на пазарот, без процесот на сушење што овозможува подолго складирање. Затоа, тие можат да траат помеѓу 3 и 5 недели.
Од друга страна, зрелите компири се берат дури откако растението целосно ќе угине, кога неговата кора станува подебела и поцврста. Процесот на сушење помага да се задржи влагата, па затоа зрелите компири, со правилно складирање, можат да траат до 2 месеца.
Без оглед на видот, компирите најдобро се чуваат на ладно, темно и добро проветрено место, како што се подрум, остава или кујнски шкаф. Треба да се чуваат подалеку од директна сончева светлина и извори на топлина, како што се рерни или отвори за вентилација, бидејќи таквите услови го забрзуваат позеленувањето, 'ртењето и расипувањето.
Еден од првите знаци дека компирот се расипал е промената во неговата текстура. Наместо да биде цврст и мазен, станува мек и збрчкан. Ако е кашест на допир, има длабоки брчки или видливи оштетувања и модринки, се препорачува да не го користите.
'Ртењето е исто така показател дека компирот повеќе не е во најдобра состојба. Помалите никулци може да се отстранат, но обилното никнување често е придружено со горчлив вкус и намалување на квалитетот. Непријатен мирис, присуство на влага или видлива мувла се дополнителни знаци дека компирот треба да се фрли.
Потребна е посебна претпазливост ако компирот стане зелен. Зелените делови може да содржат соединенија што можат да предизвикаат гастроинтестинални проблеми, поради што се препорачува да се фрлат таквите компири или да се отстрани што е можно повеќе од засегнатото место. Свежиот компир треба да биде цврст, да има неутрален мирис и да не е без видливи оштетувања или промена на бојата.