Пилешкото е едно од најчесто користените меса во домаќинствата низ целиот свет, но е и една од најчувствителните намирници кога станува збор за складирање и безбедност.
Неправилното складирање може да доведе до развој на опасни бактерии како што се салмонела или кампилобактер, што може да предизвика сериозно труење со храна.
Експертите за безбедност на храната советуваат дека сировото пилешко може да се чува во фрижидер максимум два дена по отворањето. Температурата во фрижидерот мора да биде под 4°C, а пилешкото мора да биде цврсто затворено - идеално во сад со капак или завиткано во пластична фолија за да се спречи контакт со друга храна.
Ако забележите необичен мирис, промена на бојата или лигава текстура – веднаш фрлете го пилешкото.
Откако пилешкото ќе се зготви - без разлика дали е варено, печено или пржено - може да се чува во фрижидер 3 до 4 дена. Истото правило важи и овде: затворен сад, температура под 4°C и избегнување контакт со свежа храна.
Ако знаете дека нема да го употребите пилешкото во рок од 1-2 дена, замрзнувањето е најдоброто решение.
Сировото пилешко може да трае до 9 месеци во замрзнувач.
Зготвеното пилешко може да се замрзне до 4 месеци, иако текстурата може да биде помалку добра.