Овој пијалак се ужива со децении, но дури сега го добива признанието што го заслужува. Приказната за моката открива зошто оваа мала машина сè уште доминира и покрај модерната технологија.
Мока не е само апарат за кафе, туку е симбол на италијанскиот дизајн и начин на живот, признат низ целиот свет.
За многу Италијанци, ако не испијат кафе во кафуле речиси сигурно ќе го подготват дома во мока, бидејќи овој процес претставува посебен дневен ритуал.
Иако дури била и изложена во Музејот на модерна уметност во Њујорк, моката досега немала свој официјален ден.
Тоа сега се промени, со одбележувањето на првиот Меѓународен ден на моката, иницијатива покрената од Bialetti, италијанска компанија основана од пронаоѓачот на познатиот алуминиумски апарат за кафе.
Датумот, 21 април, не е избран случајно - се совпаѓа со Светскиот ден на креативноста и иновациите, како и почетокот на Миланската недела на дизајн 2026, со што се нагласува врската помеѓу моката и италијанската креативност што ги трансформира секојдневните предмети во културни симболи.
За да го разбереме значењето на моката, треба да се вратиме во 1933 година.
Во тоа време еспресото било достапно речиси исклучиво во кафулињата, бидејќи апаратите биле големи и скапи. Во домаќинствата се користеле и други методи на подготовка, како што е т.н. неаполско кафе.
Пресвртницата дошла со Алфонсо Бјалети од Монтебуљо во Пиемонт, кој измислил машина за правење кафе со притисок што овозможувала подготовка на еспресо дома. Според една од попознатите приказни, бил инспириран гледајќи ја својата сопруга како пере алишта користејќи уред што користел пареа и врела вода.
Неговото искуство во алуминиумската индустрија му помогнало за својот изум да го избере токму овој материјал, тогаш симбол на модерната ера. Подоцна, неговиот син Ренато дополнително го развил бизнисот и ја направил моката глобално препознатлив симбол на Италија.
Денес, моката се наоѓа во речиси 90% од италијанските домаќинства и останува еден од најраспространетите начини за подготовка на кафе во светот.
Потеклото на името на уредот лежи во пристаништниот град Мока во Јемен, од каде што бродови натоварени со кафе тргнувале кон Западот. Со векови, оваа земја била еден од најважните и најпознатите региони за производство на кафе, особено на ценетата сорта Арабика. Овој посебен квалитет е потврден во ремек-делото на Волтер, „Кандид“, кога протагонистот, патувајќи во тогашното Отоманско Царство, е пречекан од домаќин кој, меѓу другото, му нуди вкусен пијалак подготвен „со кафе од Мока, неизмешано со лошото кафе од Батавија и Антилите“.
Токму затоа Бјалети на овој апарат му го дал името мока (moka), кој воопшто не е италијански.
И покрај популарноста на капсулите и автоматските машини, моката останува клучен начин за подготовка на кафе во италијанските домови.
Според податоците од италијанската прехранбена индустрија, меленото кафе сè уште доминира на пазарот, додека капсулите и таблетите зафаќаат помал удел.
Ова покажува дека потрошувачите сè уште го ценат побавниот, традиционален начин на подготовка на кафе и искуството што доаѓа со него.
Иако изгледа едноставно, доброто кафе бара внимание.
Моката не се пере со детергент, туку само со топла вода. Важно е редовно да се менува гумената заптивка, да се налева вода до нивото на вентилот, да се користи вода со најдобар квалитет, да не се притиска кафето во филтерот и да се подготвува на ниска температура.
Кога кафето ќе почне да излегува, апаратот треба да се отстрани од шпоретот и пијалакот треба нежно да се промеша пред да се истури во претходно загреани филџани.
По повод првиот Меѓународен ден на мока, компанијата Bialetti подари симболичен сувенир - привезок направен од рачката на машината, со порака дека треба внимателно да се однесуваме кон предметите и ритуалите што имаат посебна вредност.
Дегустации беа организирани во бројни продавници низ целиот свет, додека во Њујорк овој ден беше одбележан со посебна вечера во ресторанот „Roscioli“ (Рошоли), каде што се служеше исклучиво кафе подготвено во мока.
Малиот уред, создаден пред речиси еден век, сè уште носи приказна за иновација, традиција и идентитет, а сега има и свој официјален ден.