Ако имате мачка, веројатно сте се запрашале зошто таа никогаш не спие на истото место. Еден ден е згрчена на полица, а следниот се крие под масата. Без разлика колку се трудите да создадете совршено, пријатно катче за неа, таа ќе го игнорира и ќе оди каде ѝ одговара во тој момент.
Имено, иако ова однесување може да ни изгледа необично или збунувачки, всушност постојат голем број причини зад него кои совршено одговараат на нивната природа.
Имено, мачките сакаат да набљудуваат сè што се случува околу нив. Со промена на местата за спиење, тие си дозволуваат да ги следат различните агли на домот, барајќи позиција од која имаат најдобар поглед, но и чувство на сигурност. Понекогаш им одговара висината, понекогаш тивок агол - сè зависи од нивното моментално расположение и потреби.
Исто така, мачките точно знаат каде во домот е најудобно. Кога е топло, бараат ладни места како плочки или паркет, а во зима се до радијатор, ќебе или во нашиот скут. Промените во температурата често значат промени во нивните навики за спиење.
За разлика од луѓето, мачките се исклучително чувствителни на мириси. Ако, на пример, сте го испрале нивното ќебе со нов детергент или некој друг ја користи нивната омилена перница, тоа може да биде доволно за да одлучат да спијат некаде на друго место. Исто така, со движење од едно место на друго, оставаат своја мирисна трага - начин за обележување на нивната територија.
Мачките се љубопитни и лесно им здодева рутината. Често го менуваат местото за спиење едноставно затоа што сакаат да пробаат нешто ново. Тоа е дел од нивната природа - сакаат да истражуваат, да се менуваат и да донесуваат свои одлуки.
Ако има бучава во домот, гости или други животни, мачката ќе се повлече во најтивкиот агол каде што може да одмора во мир. Дури и мачките кои сакаат друштво знаат кога им е потребен свој простор.