Швајцарското сирење Le Gruyère (гријер) беше прогласено за најдобро во светот за 2025 година на 37. издание на Светските награди за сирење (World Cheese Awards - WCA) што се одржаа во Берн.
Жирито беше составено од 265 експерти за сирење од целиот свет. Во рок од неколку часа, секој од нив дегустираше најмалку 40 сирења. Тие беа воодушевени од гријер произведено од Bergkäserei Vorderfultigen во Западна Швајцарија.
Пиус Хиц, производител на сирење, ја прифати наградата и рече дека тоа е голема чест. Исто така рече дека зголемувањето на производството веројатно е затоа што не сакале да ја нарушат „кревката рамнотежа“ на заштитениот пазар на гријер.
Гријерот е тврдо сирење со заштитено потекло, кое се прави од необработено кравјо млеко. За разлика од ементалерот, со кого често се меша, гријерот ретко или воопшто нема отвори. Тоа е најпопуларно швајцарско сирење во Швајцарија и во поголемиот дел на Европа. Првите записи за сирењето гријер датираат уште од 1115 година. Денес името на ова сирење е заштитено.
Ова е шести пат гријерот да биде прогласен за најдобро сирење на WCA (1992, 2002, 2005, 2015, 2022 и 2025).
Сирењата беа оценувани според изгледот, мирисот, вкусот, текстурата, што не е секогаш позитивно искуство, според членката на жирито Ема Јанг од Обединетото Кралство, пренесува CNN.
„Пробав некои од најдобрите и најлошите сирења во мојот живот. Тоа беше вистински тренинг за непцето“, рече таа.
Џон Фаранд, еден од организаторите на Светските награди за сирење, рече дека ова натпреварување се издвојува од другите затоа што навистина може да се смета за глобално. Освен што се одржува во многу земји, жирито и учесниците се разновидни. Светските награди за сирење се селат во Кордоба во 2026 година.