Во рамки на кампањата „Денови за донирање“, на 4 ноември во Скопје се одржа добротворна модна аукција. 23 модни дизајнерки и дизајнери, уметници и занаетчии донираа уникатни креации кои беа ставени на добротворна аукција од кои се собраа донации во износ од над 200.500 денари за донаторскиот фонд на Конект од каде со грантови ќе се поддржат програми на граѓански организации. И годинава фондот продолжи да поддржува активности за заштитата на нашите шуми од пожари, едукацијата на младите, развојот на децата со попреченост со помош на технологија и првата„изнајмувачница“ на помагала за сограѓаните кои се борат со ракот.
Третото издание на добротворната модна аукција „Fashion with a Cause“ беше посветено на славење на креативноста и солидарноста. На специјалното шоу што го водеше гласноговорникот на кампањата „Денови за донирање“, Огнен Јанески, во придружба на новинарката Ана Зафирова, над 150 присутни, вљубеници во модата и филантропијата се наддаваа донирајќи за мало богатство на дизајни на дизајнерите: Никола Булески, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Изет Цури, Силвија Михајловска (Алшар), Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, Катерина Тошева, „MilkDesign"(Антонија Гугинска Јорданоска), Терзија (Наталија Терзијоска),“Be.” Присутни беа и нови модни имиња како Радмила Давидовиќ Настев, Снежана Ефкоска и Ивана Груевска.
Со своја донација се придружија и занаетчии и уметници: Марта Поп Антоска („M Art Gallery"), Александра Ристовска („MORPHO"), Марија Таировска („Marcy's Handmade"), Александар Стојанов-Зорин, ESNAF, „Народни носии" , Љубица Солак, Мирјана Јосифоска и Петар Кајевски.
„Делата претставени овде се повеќе од модни предмети – тие се парчиња македонска модна историја и културен идентитет, кои не само што гордо ги носиме, туку и ги чуваме за да ги подариме на идните генерации. Со донациите тие добиваат двојна вредност“, истакна Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.
„Ова не е само моден настан — туку повик за добри дела. Во креирањето на каталогот и настанот волонтерски се вклучи цела заедница на креативци што ја воспитува вредноста на филантропска мода“, се надоврза Виктор Мирчевски, програмски директор на Конект и дел од креативниот тим што волонтерски работеше на каталогот за аукцијата во чија продукција беа вклучени „Скала“, Студио 1 и Македонската модна асоцијација.
На Добротворната модна аукција највисоко наддавање имаше за фустанот на дизајнерката Наталија Терзијоска, што достигна донација од неверојатни 18.000 денари.
„Кон Модната аукција на Конект ме привлече нивниот труд и целата ангажираност околку настани од добротворен карактер. Среќна сум дека фустанот Теrziya доби највисока донација, тоа ми дава дополнителна мотивација да продолжам да донирам, бидејќи ова е доказ дека ваквите добри дела прават разлика во животите на оние на кој им е најпотребно“, изјави за kajgana.com дизајнерката зад брендот Terziya која веќе трета година учествува како донатор на Модната аукција.
Имаше забавно и жестоко наддавање за повеќе парчиња, а во едно од нив учествуваше и моделот Ана Ежова, препознатливо лице од македонските модни писти и едиторијали. Ежова, која вечерта блескаше во креација на брендот „Алшар“ на Силвија Михајловска, ја даде највисоката понуда за комплет накит од „Marcy's Handmade" на Марија Таировска.
Таа нагласи дека иако ова не ѝ е прво учество во модната аукција, се радува што за прв пат се споија Конект и FWSK, преку Мирчевски и Света Богова Јовановска, организации и личности што таа многу ги почитува.
„Настанот ме привлече поради благородната кауза, што ми даде прилика да им се оддолжам на многу прекрасни дизајнери, стилисти, уметници и филантропи со кои имам долгогодишна соработка, а во исто време да направам мала разлика на местата каде овие донации се потребни. Чуството е убаво и топло, Конект е една од ретките невладини организации што прави вистинска разлика на дела, и се надевам дека секоја наредна модна аукција ќе собира уште повеќе учесници и донации“, изјави Ежова за kajgana.com по возбудливото наддавање.
На настанот имаше модни вљубеници и долгогодишни поддржувачи на каузите на Конект, како и нови пријатели на филантропијата кои ја проширија нивната љубов кон модата и кон заедницата. Инфлуенсерката Стефани Христов, препознатлива по нејзините инвентивни модни комбинации, со одушевување сподели дека е среќна што Добротворната модна аукција сега е запишана во нејзиниот годкалендар на настани.
„Лично мене ми беше прва аукција и многу ми е драго што бев дел од еден таков хуман настан. Организацијата беше одлична, секоја чест и за дизајнерите кои донираа прекрасни и уникатни парчиња, што секој би посакал да ги има. Имав неколку неуспешни обиди да се наддавам, но на крајот за среќа си заминав со дизајнерска шапка“, рече Христов која се наддаваше и во живо, а на тивката аукција ја даде највисоката понуда за шапката на Мирјана Јосифоска.
„Вообичаено мојот сопруг не сака да ‘го влечкам по настани“, но тој самиот ми рече дека уживал во секој момент и дека времето му поминало многу брзо“, сподели Христов и сподели пофални зборови и за водителите.
„Огнен на толку забавен начин ја водеше аукцијата, што буквално се чувствуваше оној вајб: ‘Земи ми ги парите веднаш’, сè за добра цел. Момент кој што многу ми се допадна е што многу траспарентно можеше да одбереш во кој сектор и за каква кауза ќе донираш. Дефинитивно се гледаме и наредната година“, изјави Христов за kajgana.com.
„Денови за донирање“ е национална кампања на Конект што ги инспирира поединците, семејствата, бизнисите и заедниците да се здружат и заедно да донираат на низа начини и настани, како и на www.opop.mk и телефонската линија 143 333 за споменатите иницијативи.
Настанот го организира Здружението Конект од Скопје во соработка со Моден Викенд Скопје и со поддршка од Амбасадата на Франција во Скопје.